Анѓушев ја повика Тасева на состанок и дискусија

by fokus

Од Кабинетот на вицепремиерот, Кочо Анѓушев, испратија соопштение до медиумите за, како што велат, јавноста да се информира со цел добивање на реална слика за моменталната состојба во комбинатот „Фени Индустри“. Во врска со обвинувањата на претседателката на „Транспаренси Интернешнал“, Слаѓана Тасева, од кабинетот велат дека вицепремиерот нема намера да влегува во негативна комуникација и ја повикуваат Тасева на работен состанок и дискусија.

„Во однос на објавите во медиумите поврзани со изјавата на Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнл Македонија“ посочуваме дека вицепремирот Анѓушев немаше намера и нема да води негативна комункација. Напротив, вицепремиерот ја искажува подготвеноста да ги презентира аргументите и фактите, со кои располага Владата и кои се во нејзина надлежност, за начинот на кој се овозможи Фени повторно да работи успешно и поради тоа ја повикува г-ѓа Тасева на работен состанок и аргументирана дискусија“, велат од таму.

Повторуваат дека Анѓушев повикува на темелна истрага за случајот со продажбата на „Фени“.

„Од информациите со кои располагаме, стечајната постапка во врска со оваа компанија е во завршна фаза, а резултат на досегашната постапка е дека над 700 работници редовно одат на работа и добиваат плата. Станува збор за постапка, во согласност со Законот за стечај која што ја водат надлежните органи. Владата, во овој случај внимателно ги следи состојбите, во согласност со своите законски ингеренции, поради тоa што Фени Индустри, како еден од најголемите работодавачи во регионот и еден од најголемите метало преработувачки капацитети во државата е од особена важност за локалниот, како и за целокупниот економски развој на Република Македонија.

Во име на транспарентноста укажуваме дека е потребно да се слушнат сите страни и да се провери веродостојноста на сите информации пред да се споделат во јавноста. Ги замолуваме сите страни вклучени во процесот, вклучително и „Транспаренси Интернешнл Македонија“, како сериозна и реномирана невладина организација пред да дава јавни квалификации, да ги земе во предвид сите страни во процесот и да ја согледа целосната ситуација.

Јавноста, вработените, менаџерите, транспортерите и другите заинтересирани страни се сведок дека компанијата Фени работи успешно, придонесува во македонската економија и овозможува над 700 семејства да живеат“, посочуваат од Кабинетот.

 

Поврзани новости