Зорица Заева: Ги фрлив искинатото сако и крвавата кошула на Зоки, не сакав да ги чувам

by fokus

Се надевав дека тие рани што ги видов на тв-снимките не се толку страшни. Се надевав и се молев да е жив, раскажува за „Дојче веле“ Зорица Заева, сопруга на премиерот Заев, за моментите од најдолгата и најтешка ноќ минатата година – 27 април.

„На телефон ми се јави пријателка, и ме праша дали гледам телевизија. Буквално во истиот момент вознемирана дотрча и свекрва ми, и ме праша дали знам што се случува во параламентот, бидејќи нешто слушнала на вести. Му заѕвонив на сопругот. Се слушаше врева, ми рече дека е во ‘гужва’, но линијата одеднаш се прекина и повеќе не успеав го добијам на телефон“, се потсетува Заева.

Само еден вечер претходно атмосферата била сосема поинаква: го славеле 16-иот роденден на ќерката Александра.

„Тоа беше шок. Александра многу се вознемири, но се обидуваше да не го покаже тоа пред Душко. Тоа не помогна. Тој беше многу потресен, се расплака…“, се потсетува Зорица.

Во тој момент Зорица и таткото на Заев решаваат веднаш да тргнат кон Скопје.

„Заедно со моја пријателка, со свекорот и со негов пријател заминавме од Струмица кон Скопје. Тоа ни беа најтешките километри. Не знаевме што се случува. Вртев на телефон кај негови сопартијци, кај луѓе што мислев дека може да имаат некакви информации. Постојано ми се јавуваа и децата. Им реков дека ќе им се јавам веднаш штом ќе стигнам во Скопје. Пред очи постојано ми се вртеа слики на тој хаос, на луѓе како трчаат и бегаат од парламентот… Се надевав дека мојот сопруг е жив, и дека тие рани што ги видов на тв-снимките не се толку страшни. Се молев да е жив“, раскажува Зорица.

Таткото на премиерот, Панче Заев вели за „Дојче веле“ дека за еден час успеале да стигнат во Скопје.

„Како може да се чувствуваат родители, кога на телевизија го гледаат нивниот син како крвари, и го напаѓаат со се што ќе стигнат. И додека тој и други крварат, некои и натаму продолжуваат да фрлаат со разни предмети по нив. Тоа беше страшна слика… Кога стигнавме во Скопје не можевме да се приближиме до парламентот, ниту пак сакавме со нашето присуство да предизвикаме дополнителна реакција“, објаснува Панче.

Се упатиле кон партиското седиште на СДСМ каде останале цела вечер. Откако повредените биле евакуирани и сместени на безбедно, Зорица и Панче се враќаат во Струмица, а Заев останува во Скопје.

„Сакото на Зоки беше искинато на многу места. Крвавата кошула, исто така. Ги фрлив и двете. Не сакав да ги чувам“, вели Зорица.

Поврзани новости