Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ.
На средбата станало збор за спроведување на економските реформи, особено за процесот на привлекување инвестиции во Република Македонија.
„Работиме на нов модел за привлекување инвестиции, кој ќе биде транспарентен и ќе овозможи поголема соработка помеѓу домашните и странските компании. Ќе привлекуваме реномирани странски компании да дојдат во нашата земја, а паралелно ќе ги поттикнуваме домашните инвеститори технолошки да се развиваат, да бидат извозно ориентирани, воедно да станат добавувачи на странските, со што би го подигнале нивото на меѓусебна соработка. Странските инвеститори се добродојдени, но мора да ги развиваме домашните фирми, за одржлива економија која ќе продуцира повисоки стапки на раст“, потенцираше Анѓушев.
Соговорниците заклучија дека меѓусебната економска соработка треба да продолжи да се развива и дека поддршката од Република Хрватска на евро-атлантскиот пат на Република Македонија е многу значајна.