Ангеловски: Власта создава виртуелни, а ги запоставува реалните села

by Фокус 14:11
14:11

Вики КЛИНЧАРОВА

Горан Ангелоски, претседател на месната заедница на охридското село Куратица, реагира по повод инвестицијата на владата ,,Македонско село,, кое, според него, е добар проект, но на погрешно место. Тој вели дека Македонија изобилува со прекрасни села, опкружени со недопрена природа и со традиција во кои што треба да се инвестира и не може да сфати зошто, имајќи жива рурална населба, да се даваат пари за нешто вештачко.

-Да живееме реално, а не виртуелно. Поттикнат од отворањето на новото „Виртуелно македонско село“, не би можел да ја проголтам реалноста. Најнапред секој проект е за поздравување, но би било уште подобро и би имале вистински ефект доколку проектите се на вистинското реално место. Додека ги инвестираме „виртуелните села“ ги губиме вистинските македонски села. За жал! – вели Ангелоски.

goran kuratica

Тој се осврнува на неговото село Куртаница, кое се наоѓа на 21 километри североисточно од Охрид на 1.100 метри надморска височина, сместено во пазувите на планината Мазатар и Плаќенска Планина.

kuratica 1

-Ако почнеме календарски да ве запознаваме со селото Куратица најнапред би започнале со зимските настани. Речиси и да нема празник кон не се празнува во селото, но последните 20 години со заложба на иницијаторите и поддршка на сите Курајчани се посвети големо внимание на старата традиција – Василица или веќе познат Курајчки карневал кој од година во година има се поголем публицитет и се вбројува во позначајните во Македонија, кој го посетуваат од 3000 до 5000 гости.
Големи се заложбите на месната заедница селото од ден на ден да прерасне во главна туристичка дестинација во Општина Охрид и пошироко. Од пролетта домаќините веќе знаат да ги уредуваат своите дворови за пречек на странските туристи Холанѓани, Израелци, Словенци, Германци, Англичани итн… Во текот на летото се спремаат повеќе манифестации со цел поголема презентација. Би ги вброиле специфичниот обичај на носење крст и планинскиот велосипедизам, мотокрос авантурите, иселенички средби, 4х4 авантурите со џипови и секако нема да го изоставиме едно од највпечатливите авантури на магариња… Манастирскиот комплекс Света Богородица постепено ги подготвува своите конаци со цел развивање на верскиот туризам, тука е и подготовката на неколку ресторани. Во текот на зимата доколку одите за викенд нема да ве изненади ако вечерта видите осветлена ливата полна со снег, тука ќе видите 200-300 души кои уживаат во ноќното лизгање збогатено со топол чај и топла ракија… Исто така покрената е иницијатива за изградба на рекреативен скилифт. Реалното село Куратица не застанува тука со своите идеи, долг период (веќе 9 години) е со свои предлози за издавање на парцели за изградба на викенд куќи кои би имале автентичен изглед – раскажува Ангелоски.

kuratica 2

Тој ги повикува сите добронамерници да го посетат, како што вели, реалното македонско село Куратица, а сегашните и идните власти да посветат повеќе внимание да се инвестира на едно вакво село додека е „реално“, за да не стане во идниан и тоа „виртуелно“.

kuratica safari

Инаку, комплексот „Македонско село“ се отвори на 22 јуни и претставува туристичка атракција, изградена во традиционалниот дух на македонската архитектура од 19 и 20 век. Во наредните 20 години со комплексот ќе стопанисуваат „Тинекс“ и хотел „Квинс“, сопственост на Владимир Тодоровиќ и ќе плаќаат месечна кирија од 3.500 евра со ДДВ. Изградбата на „Македонско село“ започна пред околу пет години, со пари од државниот буџет. Неофицијално, чинела околу 5 милиони евра.

Поврзани новости