Ништо не е загубено со овој пораз, сега ни следуваат уште два натпревари на кои ќе го дадеме максимумот. Ова денеска го порача македонскиот селектор, Игор Ангеловски, кој упати честитки до своите играчи за прикажаното, но ги пофали и македонските навивачи на трибините во Букурешт.
„Главата горе, одиме понатаму. Сега почнуваме подготовки за оној натпревар со Украина. Не можам да не бидам горд на играчите. На моменти функциониравме добро, имаше моменти кога имавме контрола над ситуација. Клучна беше онаа шанса на Николов, која не успеавме да ја реализираме. Нема разочарување, имаме уште два натпревари и треба добро да се подготвиме, да не ги направиме грешките како на овој натпревар. Немам зборови за навивачите. Жал ми е што не прославија позитивен резултат на првиот меч“, истакна Ангеловски.