615
Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска појасни дека растот на бруто-домашниот производ се реализира преку широк спектар на активности.
-Ова покажува дека економските фундаменти се здраво поставени за да продуцираат раст во сите сектори, односно сите сегменти од економијата. Се забележува раст во градежништвото за 5,9 отсто, во трговијата, транспортот и угостителството за 4,7 отсто, кај земјоделството за 3,8 отсто и во индустријата за 3,1 отсто“, нагласи Ангеловска.
Таа посочи дека само во текот на минатата година бројот на вработените е поголем за 38.600 лица.
-Притоа, активното население расте за околу 6.400 лица минатата година. Она што е особено позитивно е што кај најмладата возрасна група од 15-24 години, каде има и најголема стапка на невработеност, невработеноста значително е намалена на годишно ниво за 13,8 процентни поени и сега изнесува 35 отсто – рече Ангеловска.
Таа посочи дека буџетот е стабилен и ликвиден, истакнувајќи дека добриот тренд на реализација продолжува и годинава, со раст во првите два месеци од 8,3 отсто кај даноците и придонесите.
-Потврда за добрата економска состојба добивме и од кредитната агенција „Стандард енд пурс“. Би сакала да ви соопштам дека доцна вчеравечер кредитната агенција го потврди рејтингот на земјава ББ-со стабилен изглед – посочи министерката.