Мерката 14.500 денари плата по вработен се однесува на сите фирми што се погодени од коронакризата, како и на самостојните вршители на дејност. Аплицирањето е лесно а условите се едноствавни, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во гостување на емисијата „Економски магазин“.
Таа, како што соопшти Миистерството за финансии, посочува дека забуна е што се смета дека овие средства се наменети за исплата на нето-плата. Ангеловска го посочува Законот за работни односи согласно кој во услови на прекин на работните услови во виша сила фирмите можат да исплаќаат 50 оотст од плата, согласно што во угостителскиот сектор каде просечна нето плата е 18.000 денари, со средствата од мерката се покрива сервисирање и на платата и на придонесите.
– Законот за работни односи, член 112 вели дека во прекин на работен однос може да се пуштат работниците со 70 отсто плата, во случај на виша сила може да се пуштат со 50 отсто плата. Значи ако разговараме за угостителскиот сектор, кој според Државниот завод за статистика вработува 30.000 лица кои имаат бруто плата од 26.000 денари и нето плата од 18.000 денари за 2019, компаниите за да ги задржат работниците ги пуштиле дома со 50 отсто, тоа значи дека тие имаат нето-плата од 9.000 денари. Нето плата од 9.000 денари со придонеси и персонален данок изнесува 14.500 денари, што значи дека во овој случај мерката ја покрива комплетно таа плата од 50 отсто за тие компании кои веќе го направиле тоа, вели Ангеловска.
Министерката за финансии истакна дека мерката е отворена за сите работодавачи.
– Едниот услов е да им е паднат 30 отсто приходот, тука гледаме кој колку е погоден. Кога зборуваме за 30 отсто пад на приходот, зборуваме за април и мај, бидејќи за април ќе аплицирате на крајот на април, односно на почетокот на мај и ако во април ви е паднат 30 отсто приходот споредено со месечниот просек од 2019 година вие го исполнувате тој услов. Понатаму имаме предвидено за оние кои се регистрирани подоцна тие го земаат просекот на месеците откако работат и за сезонските работници се споредува кварталот со кварталот кој е релевантен претходната година – пад од 30 отсто. Кој е вториот услов – да не исплаќаат дивиденди бонуси од денот на објавување на уредбата од завчера, до денот на користење на помошта. Третиот услов вели, да нема плата од 120.000 денари над 10 отсто од вработените, значи зборуваме за навистина едноставни услови што ги опфаќаат сите работодавачи, рече Ангеловска.
Таа посочува дека мерката важи и за самостојните вршители на дејност.
–Истата мерка важи и таа мерка, истава уредба, ја има со финансиска поддршка од 14.500 за самостојни вршители на дејност. Бидејќи сите овие занаетчии кои што беа споменувани се регистрирани како самостојни вршители на дејност и процесот на апликација за истите оди наместо преку Е-Даноци, преку Е-ПДД системот на УЈП. Исто така, уредбата е објавена, исто така има формулар, исто така едноставен е многу процесот, бидејќи не е истиот процес на МПИН кај овие што се самостојни вршители на дејност. Во нив спаѓаат голем број од занаетчиите, голем број од козметичари, фризери и така натаму и за истите е отворена мерката за поддршка, со мали модификации секако, бидејќи е различна формата на регистрирање, посочи таа.
Ангеловска истакна дека аплицирањето оди многу едноставно.
–Во Управата за јавни приходи на системот е-даноци компаниите пополнуваат барање до 5-ти во месецот, значи до 5 мај за претходниот месец дека ги исполнуваат условите. Изјавуваат под морална и кривична одговорност дека им се паднати 30отсто од приходите, неколку полиња се што ги штиклираат и пополнуваат барањето. Во рок од три дена УЈП ги информира за комплетноста на барањето, тоа е овој формулар кој е сега и објавен. Потоа компаниите во МПИН образецот што го пополнуваат на месечно ниво за исплата на плата, штиклираат за кој работник побаруваат помош. Штиклираат да речеме 10 лица или колку и да штиклираат и тука велиме дека во полето за шифра внесуваат 619 ако ја користат само оваа мерка или 621 ако користат и она покачување на платите и придонесите. По аплицирање до 13-ти во месецот тие ќе ги добијат средствата на нивната сметка. Како УЈП информира преку посебна програма отворена за оваа мерка, ја информира Владата, Владата ги исплаќа на сметка на работодавачот и истиот согласно со законот до 15-ти во месецот да ги уплати платите односно МПИН-от да го помине во банка, вели Ангеловска.