Има фискален простор за да се справиме со евентуален потенцијален економски шок што би можел да настане поради коронавирусот. Во позиција сме да реагираме во секој поглед. Буџетот е во одлична кондиција, одлична е и реализацијата на приходната страна, а раст има и кај сите даноци, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска во вечерашната „Топ тема“.
Според неа, ситуацијата со вирусот е неизвесна во глобални рамки, не се знае кон што ќе води и поради тоа не може да се квантифицираат евентуалните влијанија врз државната каса.
-Македонската економија од аспект на Буџетот е подготвена да се справи со евентуалната глобална криза поради корона вирусот. Сценарија за тоа како ќе делуваме немаме креирано, но имаме разгледано што би презеле и што другите земји ќе преземат. Ниту една земја нема излезено со анализа и конкретен план што ќе прави, туку сите се на штрек. Работите се менуваат на дневна основа и треба брзо да се реагира, истакна Ангеловска.