Славески предлага одложување на плаќање даноци за фирмите, при евентуална криза поради коронавирусот

by fokus

Според поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, државата мора да има план за справување со евентуален економски шок зашто во вакви услови (со коронавирусот), не е исклучено приходите и извозот многу брзо да колабираат, економската активност да замре, а некои компании дури и да престанат со работа. Ова тој го истакна во вечерашното гостување на телевизија Телма.

Славески предложи на компаните да им се овозможи извесно одложување на обврските во однос на плаќањето на даноците зашто може да се случи вработени да останат без доход, па треба да се размислува и за тие луѓе.

-На надеж да темелиме очекувања дека ќе можеме да се справиме со посериозни последици од коронавирусот, не е паметна политика. Надежта дека нема да се случи поголем шок не е план, треба да имаме план. Оваа пандемија го забрзува надоаѓањето на глобалната рецесија за која има навестувања уште од лани, а во услови на голем, екстремен шок, приходите многу брзо може да колабираат, извозот исто, економската активност замира. Можна е и слаба реализација на приходите. Затоа, треба да имаме план. Треба да сме подготвени и за најсериозното сценарио зашто може да се случи и некои компании да престанат со работа, да се најдат во неликвидност, рече Славески.

Поврзани новости