Ангеловска-Бежоска: Дигитализацијата фактор во преосмислување на улогата на централните банки

by fokus

Глобализацијата, дигитализацијата и другите структурни промени во економиите ќе влијаат на новата постпандемична улога на централните банки, порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на панел дискусијата на „Еуромани“ што се одржа виртуелно, а на која учествуваа гувернери од регионот на Централна и Југоисточна Европа.

Гувернерката истакна дека во изминатата декада значително се зголемени одговорноста и задачите на централните банки, а пандемијата веројатно ќе предизвика и натамошни промени. 

– Кога зборуваме за преосмислување на улогата на централните банки во постпандемичниот период, треба да се земат предвид три фактори. Прво, постои неизвесност во однос на приспособувањето на побарувачката и понудата на среден рок и сега, повеќе од кога било, се бара од централните банки да ги следат изворите и структурните фактори коишто влијаат врз цените за да можат правилно и навремено да преземат мерки коишто ќе овозможат одржување на ценовната стабилност. Второ, несигурноста којашто  ја предизвикува корона-кризата за процесот на финансиска глобализација и меѓународната трговија, при намалување на вкупната размена на стоки и услуги заради кризата, може да биде предизвик особено за малите и трговски отворени економии. Затоа, ова бара внимателност од носителите на монетарната политика за влијанието на овој процес врз нивните економии и цели на монетарната политика. Трето, трендот на дигитализација, којшто беше значително засилен со кризата, може да има влијание врз продуктивноста, плаќањата, моделите на потрошувачка, како и начинот на мерење на цените, што исто така упатува на потреба од постојано следење и вклучување во анализите коишто ги спроведуваат централните банки, посочи гувернерката. 

Од Народната банка информираа дека по глобалната финансиска криза, покрај традиционалниот мандат на централните банки за ценовната стабилност, активностите биле насочени и кон одржување на финансиската стабилност. Покрај тоа, централните банки ги прошириле своите задолженија и со активности во доменот на заштитата на потрошувачите, финансиската едукација, финансиската инклузија, олеснувањето на процесот на финансиски иновации ‒ финтек-услуги, како и на зелената агенда поради влијанието на климатските промени на финансиската и ценовната стабилност. 

Поврзани новости