Ангелов влезе во МРТ и најави нејзино ослободување

by Фокус

Генералот Стојанче Ангелов заедно со свои поддржувачи, вечерва, влезе во Македонската радио телевизија и донесе ДВД со снимките кои Заев ги објави вчера. Ангелов побара од МРТ да пушти дел од снимките во нивните вести, бидејќи тоа е должност на Јавниот сервис.

– Немаме намера да предизвикуваме немири и да ја разгоруваме омразата кај македонскиот народ. Сакаме само да ги замолиме дежурните екипи да пуштат дел од разговорите кои синоќа ги објави опозицијата. Тоа е најлегитимно барање кое ние не ни треба да го поднесуваме, туку тоа е работа на МРТ која ние ја плаќаме. Тие се должни да ги објават овие материјали, во спротивно се изложуваат на казна затвор затоа што ја злоупотребуваат службената положба и на тој начин ја помагаат оваа власт, рече Ангелов.

Бидејќи, никој од менаџментот на телевизијата не го прими, претеседателот на Достоинство, ДВД-то со снимките го предаде на портирницата, а човекот кој ги прими рече дека тој не е задолжен за информативната програма и не може да гарантира дека ќе бидат објавени. Ангелов истакна дека доколку не бидат емитувани вечерва, нема да ги сопре своите активности и дека утре ќе побара средба со менаџерите на МРТ и на тој начин да ја принудат МРТ да работи во интерес на граѓаните.

-Не можеме да дозволиме луѓе како Латас кои ги мразат македонските граѓани да одлучуваат за нивното информирање. Ова што го бараме е разумно барање и нема да сопреме се додека не ја ослободиме МРТ. Ако ништо не се промени ќе има револуција, но не крвава, туку демократска, рече Ангелов.

Посетата на Стојанче Ангелов и неговите поддржувачи, во МРТ беше проследена со силно полициско обезбедување во зградата на Јавниот сервис.

 

 

Поврзани новости