Центарот за управување со кризи е подготвен како никогаш досега да се справи со пожарите, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, посочувајќи дека изминатите седум дена имало повеќе од десет сериозни шумски пожари на територијата на државата, но сите биле брзо изгаснати и затоа граѓаните не знаат за нив.
Тој, во вечерашното гостување на „Сител“ телевизија, посочи дека ер-тракторите се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување. Според информациите на Ангелов, од трите ер-трактори, едниот е функционален, додека вториот се чека да биде донесен од операторот, а третиот се сервисира.
– Имаме два функционални хеликоптери на Армијата, опремени, со искусна посада. Овие хеликоптери се покажаа како исклучително значајни минатата година. Од оваа година, еден хеликоптер на МВР е оспособен за гаснење пожари. Значи, еден хеликоптер и еден авион повеќе од минатата година. Покрај тоа, имаме 820 професионални пожарникари, 200 доброволци од противпожарни друштво. Покрај пожарникарите имаме 60 возила, 45 цистерни, потоа теренски возила со носивост 500, 600 литри, кои можат да се движат по тешко пристапни терени, посочи Ангелов.
Директорот на ЦУК најави средба на Опен Балкан во Тирана на којашто ќе се договара меѓусебна помош за шумските пожари.