Бугарските медиуми вчера објавија дека фирмата „Блацион”, стационирана во Софија, чиј управител е македонскиот државјанин Блаже Игнатовски увезла отпад од Италија кој пристигнал во бугарското пристаниште Варна. Медиумите објавија и дека еден од содружниците во фирмата е Горан Ангелов, директорот на скопската депонија „Дрисла“.
Еден ден по објавување на информацијата, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, информираше дека Ангелов ќе биде сменет, бидејќи Дрисла се враќа во сопственост на градот. За Ангелов смената не е спорна, бидејќи отсега „Дрисла“ ќе била јавно претпријатие, а коментира и за неговото споменување во аферата во Бугарија. На прашањето на „Фокус“, бидејќи е содружник во бугарската компанија која увезла отпад во Бугарија, дали тоа не е конфликт на интереси, бидејќи во Македонија тој е директор на депонија, Ангелов вели:
-За каков конфликт зборувате, па нели зборуваме за две земји независни. Ако евентуално веке сме припоени кон Западна Бугарија, а не сме веќе Република Македонија веројатно ќе има конфликт на интереси. Ние немаме никакви бизнис релации помеѓу „Дрисла“ од Македонија и Блацион од Бугарија, вели Ангелов за „Фокус“.
Управителот на фирмата Блаже Игњатовски, пак, ги демантира информациите објавени во бугарските медиуми.
-Утринава од Јавното Oбвинителство на Бургас соопштија дека по извршените контролни анализи на предметниот отпад категорично тврдат дека не се работи ниту за опасен ниту за токсичен отпад. Друштвото Блацион е посредник, а не производител на отпадот и за тоа поседува соодветна Лиценца. Производителот на отпадот е тој кој е одговорен за квалитетот на отпадот и одговара за тоа како го декларирал.
Категорично ги демантираме сите други шпекулации со кои се поврзува нашата компанија во врска со овој случај и натаму нема да толерираме дезинформации кои го уриваат реномето на нашата компанија и затоа ќе превземеме соодветни правни мерки, велат од фирмата Блацион.
Медиумите објавија дека бвинителството во Варна покренало истрага за товарот по информациите за нарушување на редот за прекуграничен пренос на отпад.
Надлежната обвинителка Невена Илиева посочи дека отпадот што стигнал во Варна се разликува од декларацијата во царинската документација. Имено, наместо пријавените пластични отпадоци и каучук, во балите имало различни други текстилни, стаклени и дрвени отпадоци.
Според описот во Регистарот е наведено собирање, третман и трговија со отпад од домаќинствата, а сега истражните органи проверуваат дали фирмата „Блацион” имала лиценца за преработка на отпад и дали содржината на 25-те контејнери е во согласност со дозволата.
Валентина Вурмо