Зафатени се повеќе од 50 хектари деградирана букова и дабова шума од пожарот што го зафати малешевскиот крај, на границата меѓу селата Митрашинци и Будинарци. За среќа, пожарот се движи ниско по земјата, и очекуваме во текот на денот да имаме целосна контрола врз пожарот, најдоцна до утре, изјави за МИА директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој денеска присуствуваше на опожареното место.
-Пожарот се појави во текот на попладневните часови вчера, а се разгори во доцните попладневните часови. Зазема голема површина и се закануваше да прерасне во исклучително опасен пожар. Првична проценка е дека се зафатени повеќе од 50 хектари деградирана букова и дабова шума, дел од шумата која што е зафатена е од претходно исечена има доста расфрлени гранки, потенцираше Ангелов.
Како што посочи, поголем дел од високите дрвја од буковите и дабовите дрва преживуваат, не се оштетени.
Ангелов информираше дека рано утрово веднаш после 5 часот со дејство започна еден полициски хеликоптер, којшто исклучително прецизно со неговото ведро ја истураше водата онаму каде што е најпотребно и успеале во раните утрински часови да го совладаат првиот огнен удар и да воспостават делумна контрола. – Од пред неколку минути почна со дејство и еден авион од ДЗС, кој исто така со исклучително прецизно фрлање на водата го погоди местото каде што имавме уште едни поголеми пламени јазици, рече директорот на ЦУК.
Ангелов упати благодaрност и честитки до македонските пилоти, но и на пожарникарите кои учествуваат во гаснење на пожарот.