Пријава за барање поткуп во Дирекцијата за заштита и спасување имало и пред денешната полициска акција. Директорот на институцијата, Стојанче Ангелов, соопшти дека пред неколку дена добил повик од граѓанин кој тврдел дека вработен во ДЗС му побарал 500 евра за издавање позитивно мислење потребно за изградба на објект.
Според Ангелов, станувало збор за вработен на позицијата советник за урбанистичко планирање. По добиената информација, граѓанинот бил упатен случајот веднаш да го пријави во Одделот за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи.
Ангелов ја поздрави денешната акција на МВР, по која беше уапсен вработен во Дирекцијата за заштита и спасување под сомнение за примање поткуп.
Тој ги повика сите граѓани кои ќе се соочат со незаконско постапување од страна на вработени во ДЗС, случаите да ги пријавуваат во надлежните институции.
Во обраќањето, Ангелов упати благодарност и до вработените во Дирекцијата кои, како што наведува, чесно, совесно и пожртвувано ги извршуваат работните обврски.