Првиот човек на Достоинство, Стојанче Ангелов денеска пред зградата на Јавното обвинителство во Скопје побара обвинителството да се охрабри и да определи мерка притвор за премиерот Никола Груевски врз основа на кривичната пријава којашто вчера му ја поднесе опозициската СДСМ.
– Бараме од Јавното обвинителство или од еден јавен обвинител кој ќе има храброст и доблест, веднаш да му одреди мерка притвор на нелегитимниот премиер, Никола Груевски. Исполнети се повеќе основи за мерката притвор, постои опасност од бегство затоа што има многу пари и лесно може да побегне и да земе лажен индентитет, постои основен страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите од криминалните дела, дека ќе влијае на сведоци, вештаци, соучесници и прикривачи. Постои исто така страв дека ќе ги повтори кривичните дела, ќе ги доврши или ќе стори нови – изјави денеска Ангелов пред Основното јавно обвинителство.
Опозицијата вчера до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски, министерот Миле Јанакиески, градоначалникот Коце Трајановски и други лица кои, според неа, се директно инволвирани во криминални и коруптивни дејства, во врска со парцелите на Водно.