СДСМ бара овластување на министерот за полиција да смени 10 до 15 отсто од раководниот кадар

by Фокус

Утре истекува рокот за спроведување на договорот од Пржино со кој се предвидува надминување на политичката криза и организација на избори. Уште неколку часа имаат политичките партии да ги договорат отворените прашања затоа што во вторник се очекува затворање на извештајот на Европската комисија.

За да не се соочи со опасноста да и биде одземена препораката за почеток на преговорите, Македонија мора да изнајде решение. А тоа е во брз договор на лидерите на политичките партии. Извори од преговорите за Фокус пренесуваат дека притисокот на посредникот Ванхауте викендов е концентриран врз ВМРО ДПМНЕ. Ако денеска ништо не се случи, а шансите за тоа се мали, тогаш понеделник останува како последна шанса за надминување на разликите.

Она што останува, на ден прет истекот на последниот рок, во кој Македонија може само да се понедева на нешто, е потврдување на Изборниот законик, дефинирањето на Анкетната комисија за прислушувањето, избор на министри и заменици министри, но и да се спроведе Законот за специјално обвинителство со избор на уште седум обвинители. За да се фати последниот воз кон Европа значи дека Советот на јавни обвинители утре треба да има седница за избор на уште половината од обвинителите на Катица Јанева. Дали е тоа можно? Со оглед дека тој орган на два пати имаше шанса да ги изгласа специјалните обвинители, но при тоа не попушти и остана на ставот дека само седуммина и се доволни на Јанева, тешко дека итно ќе свика седница за да го промени ставот.

Понатаму, партиите мора да постигнат согласност околу овластувањата на министрите, особено тој за полиција. Имено, ВМРО ДПМНЕ сака министерот на опозицијата да фигурира, но да нема сериозни надлежности, наспроти ставот на СДСМ дека таа позиција е клучна во обезбедувањето фер и демократски избори и дека мора да има широки надлежности. Неофицијални извори коментираат дека на посредниците во преговорите им е пренесено дека СДСМ ќе се согласи нивниот министер да не го менува целото раководство во МВР, но еден дел, или 10 до 15 отсто ќе мора за да се гарантира нормален изборен процес.

Според договорот од Пржино ветото на замениците министри може да се однесува на финансиски, правни и човечки ресурси кои се поврзани со изборите. Ако ВМРО ДПМНЕ бара за секое прашање да може нивниот заменик да има вето, тогаш и СДСМ ќе може тоа да го искористи за своите заменици во земјоделие, финансии и информатика, па ветото повеќе да стане елемент за партиска одмазда? Дали во еден ден ќе може да се совладаат несогласувањата околу надлежностите? Дури потоа ќе се зборува за персоналните решенија- кој човек на која позиција ќе седне? Тоа дури се смета и за полесно прашање отколку дефинирање на овластувањата.

За да се потврди Изборниот законик и Анкетната комисија од страна на опозицијата прво се чека власта да се согласи на министрите и на обвинителите. Дури потоа се ќе може да биде потврдено. Но, колку е тоа можно до вторник.

Поврзани новости