Нема да криеме каде се сончаме, рекоа во 2017, но веќе три години не откриваат каде летуваат!

by Fokus

Кога во 2017 година СДСМ дојде на власт во земјава, во репортажа за ,,Фокус,, новопечените министри и пратеници зборуваа на тема летување на политичарите. Речиси сите наши соговорници беа едногласни дека каде и како го минуваат летниот одмор не смее да биде табу тема, како што тоа се случувало во времето кога владееше ВМРО-ДПМНЕ, и ветуваа транспарентност и играње со отворени карти со јавноста.

 

Потсетуваа на практиката на поранешни државни функционери од ВМРО – ДПМНЕ, да кријат каде се сончаат, па потоа да се објават нивни папарацо фотографии од некоја плажа, и тврдеа дека нема потреба за манипулирање со народот, дури и да се работи за летување во соседна Грција.

-Нема да криеме каде се сончаме, велеа, и навистина, во првите три години од владеење, преку владино соопштение, јавноста беше запознаена со деталите за летните дестинации на политичарите.

Токму во таа, 2017 година, тогашниот премиер Зоран Заев, како и повеќето негови министри и пратеници, отворено споделија со нашите читатели детали за летувањето и омилената летна дестинација. И наредната година на почетокот на месец август, јавноста беше информирана околу тоа каде ќе летува владиниот врв. Во 2019 година пак, беше објавено последното соопштение на темава, од страна на владината прес служба.

-Зоран Заев три дена во Охрид, Радмила Шекеринска во Грција на пет дена, Бујар Османи на викенд во Албанија, Драган Тевдовски во Грција, Арбен Таравари во Бугарија, Никола Димитров во Грција, Крешник Бекташи во Албанија и Струга, Дамјан Манчевски во Грција, Љупчо Николовски, Мила Царовска, Горан Сугаревски и Кочо Анѓушев ќе одат на летување, но уште не знаат каде – беше наведено во соопштението.

Исто така, беа спомнати и оние функционери кои нема да користат одмор, или пак решиле да прошетаат само за викенд, но немале избрано дестинација. Веќе наредната 2020 година, изостана деталното соопштение за летувањето на функционерите. Кратки соопштенија дека дел од членовите на Владата користат годишен одмор, беа единствената јавно достапна информација за јавноста.

Минатата година пак, во период кога повеќето членови на Владата заминуваат на годишен одмор, се случија големите пожари во повеќе делови во земјава. Тогаш од владината прес служба информираа дека иако премиерот и дел од министрите се на летување, без да прецизираат каде, сепак биле во постојана телефонска и интернет координација со сите надлежни институции и ресорсни министерства. Годинава, исто така не се објави владиното соопштение со деталите за користењето на летниот годишен одмор на министрите.

Каде летува премиерот Димитар Ковачевски, како и актуелните министри, очигледно повторно станува табу тема за јавноста, на која и преостанува да се информира од папарацо фотографиите од некоја плажа, објавени во медиумите. Дали поради желба максимално да се сочува приватноста, но и да бидат поштедени од јавни критики, доколку се летува на некоја луксузна дестинација, транспарентноста на политичарите на темава, повторно потфрли.

Вики Клинчарова

Поврзани новости