Ако досега анекс договорите (тендери склучени во четири очи) беа карактеристични за проектот „Скопје 2014“, сега Владата почна да склучува вакви договори и за медиумските кампањи, поточно за кампањата со која веќе неколку месеци ја „подига“ свеста на граѓаните за здравата исхрана. Поточно Владата во август минатата година потроши речиси половина милион евра за осмислување на телевизиски спотови за најновата кампања, која според идејата на Владата треба да ги научи граѓаните да се хранат здраво. Пред еден месец, пак, Генералниот секретаријат на Владата склучил анекс, односно договор без објавување на оглас, на сума од 26.000 евра, за истата кампања.
„Набавка на дополнителни услуги – осмислување и реализација на ТВ серијал како дел од ПР стратегијата за промоција на кампањата за подигнување на свеста на граѓаните во врска со значењето и потребата од консумирање здрава храна и избегнување на храна со несоодветен квалитет по нивното здравје“, се наведува во склучениот договор на Генерален секретаријат со маркетинг агенцијата “Маркет висион“.
Во август, минатат година, пак, за реализација на кампањата беа ангажирани три маркетинг агенции. За повеќе од 177 илјади евра, агенцијата за продукција и снимање филмови „Аквариус дизајн“ требаше да ги осмисли телевизиските и радио спотовите. Агенцијата „Маркет висион“, за 87 илјади евра, го изработи логото, ПР стратегијата, веб банерите и флаерите што ќе ги гледаме по автобусите, влезовите, лифтовите…
Најмногу пари и се доделени на агенцијата „Њу момент њу идеас компани“, околу 232 илјади евра, за подготвување и реализација на медиа план, закуп на медиумски простор и внатрешно и надворешно рекламирање.