Ние, ниту не се збогувавме. Мајка ми почина ненадејно, од мозочен удар, на 62 години. Беше тоа удар за целото семејство, а моето збогум за неа дојде дури сега, по повеќе од две години, и тоа во вид на песна, така како што јас најдобро можам да се искажам, за ,,Фокус” раскажува поп пејачката, виолинистка и професор на ФМУ, Андријана Јаневска. На 26-ти декември таа ја промовираше новата песна ,,Летај’ на која е комплетен автор.
Вели дека ја пуштила во етер на роденденот на мајка и Нада, како подарок за неа, но и за сите кои изгубиле некој близок и ќе се пронајдат во неа.
-,,Летај” ја напишав во еден здив, додека лежев навечер пред да заспијам. Тоа се такви песни, непланирани, чиста емоција пренесена на хартија.
Буквално се беше осмислено и снимено во еден ден. И тоналитетот ми прозвуче во глава уште пред да ја запеам мелодијата.
Е-мол, му кажав на сопругот Гино, а потоа тој ги отсвири и останатите акорди. Ја отпеав од прва, и тоа беше тоа – раскажува Јаневска.
Песната е снимена во студиото ,,Гиновски” и за неа исто така е снимен и емотивен спот.
-Годината беше тешка за сите, но најмногу за оние кои останаа без своите блиски, вели Андријана, додавајќи дека најголема желба во новата година и е здравје за сите и животот конечно да започне да се враќа во нормала.
Вики Клинчарова