Андреј Петров: На луѓето им е преку глава од избори, тие си имаат свои животни проблеми!

by fokus

Двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште ги сумираат впечатоците и статистиките од првиот круг на претседателските избори.

Поранешниот градоначалник на Карпош, Андреј Петров смета добра работа од овие избори е тоа што биле фер и демократски, без никакви инциденти.

„Мислам дека првпат имаме вакви мирни и релаксирани избори, со добра кампања, културна, со добра организација од полицијата. Лошо е што одзивот беше многу мал. Сметам дека кампањата беше на едно културно, шведско ниво. Во кампањите треба да има мала компетитивност и да се надеваме дека таа ќе ја има и во вториот круг. Единствената добра работа е што двајцата кандидати се изедначени и ќе има борба неизвесна. Реално, ќе биде тешко, поради тоа што во вториот круг на изборите, секогаш излегуваат 15 отсто помалку гласачи. Да се надеваме дека сите ќе разберат дека нема потреба од губење на време, затоа што тоа ништо добро не носи на граѓаните“, вели Петров.

Како што додава тој, луѓето веќе не се заинтересирани за гласање на претседателските избори, поради проблемите со кои се соочуваат во животот.

„На голем дел од луѓето им е преку глава од избори. Тие се соочуваат со свои животни проблеми и не гледаат дека нешто драматично во животот изборите им менуваат. Но, за државата не е добро да не успеат изборите“, заврши Петров.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости