Андреа потоа си го зема знамето и продолжи со средби, инцидентот не е злонамерен, вели Мери Попова

by fokus

Долгогодишната шефица на македонската евровизиска делегација, Мери Попова се огласи во врска со скандалот со претставничката Андреа, по фрлањето на државното знаме на земја, кое се случи вчера.

Според Попова, не се работи за нешто злонамерно, бидејќи Андреа постојано со гордост зборувала за Македонија.

-Сè се случи навистина многу брзо. Протоколите и организацијата налагаа по 30 секунди официјално фотографирање за сите евровизиски претставници. Останатиот дел од делегацијата беше тргнат на сосема спротивна страна, зад камерите, со оглед на директниот пренос.

Претпоставувам дека во целата еуфорија, кога од Андреа побарале фотографии и без знамето, едноставно не успеала да изреагира поинаку, туку го поттурна знамето по тиркизниот ќилим.

Ниту видовме, ниту слушнавме кој го побарал тоа од неа, зошто повторувам бевме далеку од неа. Потоа си го зема и продолжи на средбите и интервјуата со сите други многубројни присутни медиуми.

Несаканиот инцидент нема во никој случај да го оценам како „(зло)намерен” од нејзина страна, од причина што за сите овие денови на подготовки во Торино, Андреа секогаш со гордост говори за Македонија, со македонското знаме во преден план. Впрочем, тоа може да се забележи и на бројни фотографии на социјалните мрежи – изјави Мери Попова.

На нашето прашање, дали по настанот и по бурните јавни реакции во кои се бара Андреа да биде повлечена од Евровизија, евровизискиот тим продолжува како ништо да не се случило, таа не даде одговор.
Не одговори ниту на прашањата што конкретно ќе преземе таа, како човек кој е на чело на делегацијата, дали ќе следи извинување за пропустот, но и оставки од тимот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости