Андоновски: Провокациите од Бугарија се евтин политички трик, македонскиот јазик не може да биде загрозен!

by Fokus

Писателот Петар Андоновски пред извесен период беше избран за добитник на престижната европска награда за литература за својот роман „Страв од варвави“ во издание на „Или-Или“.

Покрај Андоновски, во потесната конкуренција за наградата беа уште тројца македонски писатели – Давор Стојановски со „Утеха за голите“, Ѓорѓи Крстевски со „Другата страна“ и Михајло Свидерски со „Последните денови на Ханс“. Во потесниот избор биле 47 автори од 13 европски земји.

Андоновски во разговор за „Фокус“ раскажа нешто повеќе за наградата, но и за неговото творештво.

Наградите нема да не направат подобри писатели, но ги прават нашите книги повидливи. Европската награда за литература е важна референца за странските издавачи. По објавувањето добив неколку понуди за преводи на други јазици, секој писател сака неговите книги да допрат до што повеќе читатели. Не можев да кажам дека ја очекував, но не бев изненаден“, вели Андоновски.

Како што додава тој, само со искреност во тоа што го работите, можете да постигнете некаков успех.

Додека пишувам нова книга, никогаш не размислувам за награди, за тоа како ќе ја доживеат читателите, никогаш не гледам да и се допаднам на одредена група и тој искрен пристап кон книжевноста многу лесно го забележуваат читателите“, посочува нашиот писател.

„Страв од варвари“ е универзален роман, во него може да се препознаат читатели од кој било друг дел од светот, истакнува Андоновски.

Се започна едно утро на Крит кога не разбуди земјотрес. Земјотресот доаѓаше од Гавдос, тогаш првпат го слушнав името на островот. Додека пребарував на интернет, наидов на информација дека на островот живеат околу педесетина жители кои живеат традиционално и тројца Руси кои дошле од Чернобил за да се лекуваат од радијација. Тоа беше одличен почеток за роман“, раскажува 33-годишниот писател.

Книга која ништо нема да промени во нас џабе сме го потрошиле времето на неа, додава тој. Андоновски смета дека на секој од нас различно влијаат книгите, така е и со неговите книги и читатели. Тој вели дека улогата на книжевноста е да критикува, да провоцира, да го менува светот на читателот, а не да служи за забава.

Секој писател за време на своето творештво прави големи корекции, се до моментот на излегување на финалниот производ. Нашиот соговорник вели дека корекциите се клучот на успехот на една книга.

Процесот на пишување е многу интересен, никогаш не знаете каде ќе ве однесе. Но, откако ќе завршите со пишување секогаш ве чека сериозна работа. Од ракопис од кој не сте исфрлиле барем еден пасус или не сте промениле барем десет реченици не може да добиете добра книга“, анализира Андоновски.

За еден писател најважно е неговите книги да бидат читани, додава тој и себеси се смета за читан автор.

Поради различните вкусови на луѓето, очекувано е и тоа што тој го твори да не им се допадне на сите луѓе. Природно е, додава, да има луѓе кои ќе ве фалат и кои ќе ве критикуваат.

Тоа што се повеќе се отвораат книжарници низ нашата земја, е добар знак, вели Андоновски.

Македонскиот пазар е премногу мал за да може да се заработува добро од продажба на книги. Но културата на читањето и купувањето книги се повеќе се подобрува, се повеќе се отвараат книжарници, тоа е добро за сите нас“, посочува тој.

Писателот работи и на нов роман насловен како „Неверство“. Романот треба да излезе во септември во издание на Или – Или. Раскажан е во прво лице и нѐ воведува во љубовниот триаголник меѓу тројца поранешни пријатели. Протагонистите, обидувајќи се да се ослободат од товарот на минатото, сфаќаат дека тоа е возможно само доколку се соочат со него.

„Неверство“ е роман за внатрешните борби, за отуѓеноста меѓу партнерите, за истрајноста во барањето на вистината. Романот е отпор насочен кон лажниот морал и лагите што секојдневно се сервираат како неприкосновени вистини.

Во последниот период нашиот источен сосед, Бугарија, во неколку наврати го оспорува македонскиот јазик и нашата историја. Запрашан за ваквото нешто, Андоновски ќе рече:

Провокациите од Бугарија не се ништо ново. Тие постоеле и ќе постојат. Мојот прв роман „Очи со боја на чевли” е преведен на бугарски јазик, наскоро треба да излезат и другите два мои романи во Бугарија. Неколку пати сум гостувал во Софија и ниту еден од моите бугарски читатели не го оспорил македонскиот јазик. Провокациите се само евтин политички трик и ништо повеќе“, смета тој.

Сепак, според него, нашиот македонски не може да биде загрозен поради ваквите постапки.

Се додека има луѓе кои зборуваат и пишуваат книги на еден јазик тој не може да биде загрозен. Погледнете ја само објавата за Европската награда за литература која ја доделува Европската унија. Таму јасно си стои дека мојот роман е напишан на македонски јазик. Не видов некој од Бугарија да се побуни или да пише негативен коментар. Не се согласувам дека на нашите соседи им смета македонскиот јазик“, го заврши разговорот Петар Андоновски.

Фото – Александар Китановски

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости