Андоновски до Максим Димитриевски: Со тебе сум пријателе, подобро што си независен!

by fokus

Македонскиот писател, есеист и критичар Венко Андоновски испрати писмо со поддршка за кандидатурата за градоначалник на независниот кандидат и актуелен „татко“ на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Во продолжение, ви го пренесуваме испратеното писмо на македонскиот великан Венко Андоновски во целост:

„Драг пријателе, Некаде налетав на една твоја изјава во врска со твојата одлука да бидеш независен кандидат за градоначалник. Тонот на таа кратка изјава беше:

„мораше така да биде“. Тој тон ме натера да ти напишам: не само што мора така да биде, туку и подобро е за тебе така да биде. Нашите партии не сфаќаат дека паметна партија се бори за личности кои мислат со своја

глава, а неразумна ги брка. Затоа партиите одамна се претворени во најтоталитарни структури на неограничената моќ, на која ѝ е потребна деконструкцијa. Сателитската полуинтелигенција на Твојата партија често се служи токму со поимот „деконструкција“, ама не знае што е тоа, па во суштина се занимава со деструкција на силни личности со спротивно мислење; по дефиниција (најлесно е!) секое спротивно мислење го прогласува за говор на омраза. Притоа заборава дека деконструкцијата е метод на мислење, а деструкцијата е чин на лесноумие, за кој, како и за марширањето во строј не е потребен голем мозок, туку само ‘рбетен. Така, тие полуинтелигенти забораваат дека прво што треба да се де(кон)струира е тоталитарната моќ на партијата што ги храни како црни доги, а тие лаат како бели пудличиња. Една таква силна личност која треба да се деструира си и ти. Со такви обиди ќе се соочиш во кампањата. Но, само биди мирен. Јас веќе одамна не одговарам на ниеден острастен или полуписмен напад врз мене, а и тебе ти препорачувам исто. Ако се впуштиш во расправа со нерамноправен по ум човек (кој е свесен за тоа), само додаваш слама во огнот на страста заслепена од сопственото незнаење и самопреценување.

Кога те спомнав во една колумна пред некое време, искрено се надевав дека Твојата партија нема да те оддалечи од партиски кандидат за градоначалник, поради некои твои различни (опасни ли, „патриотски“ и затоа антиевропски ли?!) ставови од оние на партиската толпа. Завршив со надеж дека ќе победи човекот во партијата, а не партијата во човекот. За жал, како и многупати досега, победи партијата. Но, која е партијата, и зошто за неа зборувам како да е личност, кога „колективна личност“ е само илузија?

Често го цитирам Николај Берѓаев: „Колективните личности, надличните личности, во однос спрема човековата личност се само илузија, плод на екстериоризација и објективизација. Нема објективни личности, има само субјективни личности. Во извесен поглед кучето и кокошката се повеќе личности, и поскоро ќе го наследат вечниот живот, отколку нацијата, општеството, државата, светот во целина. Никаква целост, тоталитет, универзалност нема надвор од личноста, ги има само во личноста, надвор од неа е само делумниот свет на објектите.“

Горе можеш, по „нацијата“ и „општеството“ комотно да ставиш и „партијата“. И таа е „надлична личност“, и како таква – илузија, но со многу реална општествена моќ која ја искусуваме на своја кожа сите ние кои, дури и да имаме иста цел со партијата, не смееме ни да помислиме на поинаков пат до таа цел, освен оној на толпата. Жал ми е што знам дека во таа „колективна личност“ има и други личности како што си ти, но се принудени да се прикриваат, за да не бидат екскомуницирани според нео-инквизицискиот „проевропски“ (наша македонска измислица) метод на екскомуницирање од „црквата“ – партија, поради непослушност. Затоа, твојата одлука да пробаш да станеш градоначалник сам, како личност, ја ценам како чин на највисока морална доблест. Ти си победил уште и пред да почне трката: си го одбрал тесниот пат на личноста, а не широкиот пат на крдото. И знам дека како таков, ќе ги цениш и оние твои противкандидати кои имаат – личност.

Кога пред дваесет години го пишував „Папокот на светот“, го имав истото чувство што го имам и денес: тоталитарноста на СИТЕ македонски партиски колективитети добива монструозна димензија при елиминацијата на неистомислениците. Така што и денес имам чувство дека партијата не е баш „колективна личност“, туку напротив, ЕДНА личност која се служи со илјадници туѓи раце (за удирање), нозе (за клоцање), умови (наемничките услуги на интелигенцијата при елиминација на личностите). Една личност во повеќе тела е тоталитаризам. А повеќе личности во едно тело е шизофренија. Иако тие две нешта се навидум спротивни, сепак има нешто шизофренично и во тоталитаризмот, зашто едно партиско „тело“ (баш така се вели, „тело на партијата“) на сила обединува повеќе личности. Затоа, битката што ја биеш не е воопшто битка за градоначалник, туку битка за личноста во мелницата на партијата. И не биеш битка против Твојата партија: ти биеш битка против ропството на личноста генерално, а најмногу во партиските колективитети.

Затоа, воопшто не ми беше драго кога ја прочитав реакцијата на Твојата партија, кога реши да одиш сам. Те обвинија дека си им го свртел грбот на кумановци, во мигот кога си ја напуштил партијата со „најпрогресивната политичка идеја“?! Каков раскошен парто-нарцизам! Зар кога човек излегува од црква, ја остава идејата за Христос таму, како исклучиво авторско право (франшиза) на црквата? Зар не може човек да биде верник надвор од зградата на црквата? Зар човек не може да биде социјалдемократ, а да не биде член на таа партија? И второ: зошто за нашиот пат кон ЕУ твојата доскорешна партија постојано зборува како за „мудра и историска одлука“, кога сите знаеме дека тоа беше проста нужност, Аристотеловиот ананкаион, ситуација кога немаш избор. Да бидеме искрени: а што друго имавме на менито, од нашето осамостојување до денес, освен Европа и НАТО?

Многу ми е жал за Твојата партија, зашто како млад човек, во години кога човек е гладен и за јавни почести, тоа беше и моја партија. Пред да ја усвојам филозофијата на персонализмот и да се оддалечам од колективитетите, бев приврзaник на социјалдемократската идеја. Па така, овие денешни партиски „млади дечки“, заедно со оние професионално нереализирани хуманоиди од мојата генерација, кои ме валкаат кајшто ќе стигнат како националист, слуга на ВМРО или просто како антиевропски конзервативец, поим немаат дека сум седел во првиот состав на Централниот одбор на истата, сега нивна партија. Тоа е веројатно вовреме кога сегашниот наш премиер бил едвај матуриран. А сум седел во тој Ц.О. со такви тогаш зрели интелектуални величини како проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Илинка Митрева, или режисерот и професор Владимир Милчин. И денeшниве „млади дечки“ немаат поим дека таа интелектуална елита не била во наемнички однос кон Бранко Црвенковски, со кој не сме се согласувале за многу нешта, но тој никогаш не кренал рака да ни се одмазди или да нѐ оддалечи од партијата.

Тоа беше време кога личностите им даваа идентитет на партиите, а не партиите на личностите. Затоа и беше можно по состанокот на Ц.О. јас и професорот Вангелов да се сретнеме со Анте Поповски и Гане Тодоровски (членови на МААК) кај „Јоле“, па јас да пишувам предговор за Анте, Гане да пишува критика за мене, а професорот Вангелов есеј за Гане. Имавме професија, а политиката уште не беше војна до истребување, туку витешки натпревар на одбрани личности, секоја со свој личен жиг и персоналитет. Ми се повтори таа жива интелектуална демократија уште и во Форумот за Македонија на Трифун Костовски, каде седеа, крај Киро Глигоров, луѓе-интелектуалци со различни политичкки убедувања, ама сите – личности.

Затоа, со тебе сум. Го враќаш личносниот пристап кон политиката. Затоа што тврдиш дека си социјалдемократ во срцето, и тоа ти е доволно. Голема се храброста и решителноста што ги покажуваш, крупна ти е животната филозофија, како кај големиот хрватски експресионист Антун Бранко Шимиќ: човекот заслужува да оди исправен под ѕвездите, а не да ползи под нив.  Ако таква храброст си покажал при кандидатурата, не се сомневам дека ќе покажеш и при справувањето со проблемите на мојот и твој град, кој секогаш бил по дух борбен и независен. Со среќа, пријателе!“, се вели во писмото на Андоновски.

Поврзани новости