Полицискиот час на Венко Филипче не дава резултати, потребни се протоколи и систем кој ќе функционира, изјави Марија Андоновска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта задоцни со сите мерки. Полицискиот час како таков не дава резултати, ниту ќе даде! Потребен е систем и протоколи кои ќе се применуваат и власт која ќе знае да ги спроведе. Сега имаме протоколи кои не се почитуваат, институциите се полни, нема систем. Граѓаните се тие кои ја плаќаат цената. Владата и Филипче немаат план и тоа е загрижувачки и алармантно – рече Андоновска.
Таа додава дека вакцинацијата која досега требаше да биде во напредна фаза не е ниту почната за оние кои што сакаат да бидат вакцинирани.
-Филипче најавуваше вакцинација во февруари, сега сме крај на март, а вакцини нема. И сето ова ни се случува додека во регионот и светот масовно се вакцинира. И додека се им бега од контрола. Заразата се шири, единствено што им е во главата е политикантство, наместо да се грижат како да излеземе од оваа здравствена голгота, тие туркаат попис, кој ќе значи катастрофални бројки на заразени – истакна Андоновска.
Таа посочи дека 30 отсто од тестираните во текот на изминатото деноноќие се заразени со ковид.