Филипче: Досега не сум разговарал за партиска функција во СДСМ

by Фокус

Министерот за здравство Венко Филипче, кој е прв човек и на Комисијата за здравство во СДСМ, треба да заземе висока партиска функција во рамки на кадровските промени и освежувања што ги најави партискиот лидер Зоран Заев, брифираат високи партиски извори.

-Досега не сум разговарал за партиска функција во СДСМ – изјави Филипче за Фокус, кој, сепак, не одговори на нашето дополнително прашање дали има амбиции за партиска функција и дали би прифатил таков предизвик?

Неофицијално, Филипче најверојатно ќе влезе во новиот Извршен одбор на социјалдемократите и воедно ќе стане еден од тројцата потпретседатели на владејачката партија, а одредени информации дури говорат дека е во комбинација и за влијателната позиција заменик-претседател, која моментално ја извршува министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Меѓутоа, упатените велат дека далеку поверојатна е опцијата да стане потпретседател отколку заменик-претседател, освен ако, според нив, Шекеринска не одлучи сама да се повлече. Упативме прашање до Шекеринска дали очекува и претендира повторно да биде предложена, односно избрана за заменик-претседател, но не добивме одговор.

Партискиот лидер и премиер Заев, пак, кусо ни изјави дека за овие кадровски прашања се одлучува на Конгресот во мај, на кој освен заменик-претседател, треба да биде избран и Централен одбор, по што следува избор на Извршниот одбор, генерален секретар и секретари за организација и меѓународна соработка, како и потпретседатели.

-Не можам однапред ништо да кажам – дециден беше Заев, кој по вчерашните внатрепартиски избори најави реформа на кадровската понуда на СДСМ и отворање на вратите на Бихаќка за, како што рече, сите што се блиски до социјалдемократските идеи, без оглед дали се членови или не.

Откако го наследи Бранко Црвенковски на лидерската позиција во партијата во 2013 година, најблиски соработници на Заев станаа Шекеринска, првиот генерален секретар после промените Оливер Спасовски, како и актуелниот секретар Љупчо Николовски. Со текот на времето, исклучително близок и доверлив соработник со премиерот стана и Филипче, кој по вчерашниот реизбор на Заев за партиски лидер напиша:

„Заев е промената во општеството која генерации граѓани ја чекаа за да ги исполнат соништата на своите деца. СДСМ продлжува сигурно напред со човекот кој донесе големи промени и храбри одлуки за иднината на земјата. Тој ја обединува партијата, но и граѓаните на целата држава и затоа е вистинскиот избор за лидер на СДСМ…“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости