Анде Јанков, автор: Македонските писатели се многу похрабри од странските!

by Fokus

Авторот Анде Јанков од Велес пред извесно време ја промовираше својата втора книга насловена „Виенски гамбит“, во издание на „Антолог“.

Поради ситуацијата со корона вирусот, промоцијата беше онлајн, а Јанков за „Фокус“ говореше за своето ново дело, но и се наврати на претходната негова прва книга „Едно лето на Крит“.

Новата книга на Јанков има нагласени криминални елементи, а тој вели дека се насочил кон трилер поради малиот избор на ваква литература во нашата земја.

Оние кои што ја прочитаа и мојата прва книга знаат дека трилер жанрот ми е омилен книжевен правец. Затоа и сега во мојата нова книга може да се каже дека само ги нагласив крими елементите а динамиката на приказната си остана како и кај секој трилер роман. Сметам дека ваквата литература на нашето книжевно поднебје ја има премалку, па и затоа дефинитивно се насочив кон тој правец“, ни истакна Јанков.

Настаните во трилерот на овој писател се измислени, но како што вели, направил голем напор за сето дејство да изгледа дека и навистина би можело да се случи.

Дејството го одбрав да биде во Виена, поради две причини. Прво, сакав да биде сместено во град од германско говорно подрачје, паралелно на тоа што „Едно лето на Крит“ беше сместен во земја каде се говори грчки. Настаните се целосно измислени, но направив голем напор, при создавањето на ликовите и на дејството како сето тоа би изгледало дека и навистина може да се случи. Второ, имав за цел да доловам колку што можам повеќе од убавините на прекрасната Виена. Што се однесува до насловот на делото, оставам читателите да ја прочитаат книгата до крај, каде верувам би им било јасно зошто токму тој наслов го одбравме како конечен“, посочува тој.

Во стилот на мајсторите на трилер романите, чии книги имаат по неколку делови, така по тој правец оди и Јанков. Планот е серијалот со инспекторот Виктор Николов да има седум до осум делови.

Ликовите кои се сретнуваат во оваа книга ќе продолжат да живеат низ страниците на следните наслови. Секако понатаму ќе сретнеме и други ликови кои биле само спомнати во оваа прва книга. Намерата е најдобар дел од серијалот да продолжи во Скопје, што не значи дека по потреба на приказната дејството не би „скокнало” и во други градови низ Македонија или надвор од неа“, додава Јанков.

Трилерот како жанр е мошне специфичен и бара огромна жртва за завршување на една целосна приказна.

Самиот крими жанр уште во старт си бара солиден фонд на зборови или пак страници. Во зависност од ширината на дејството, бројот на ликови кои се појавуваат во делото како и самата веродостојност на истрагата во прашање, времето кое што е потребно за да се напише едно вакво дело е релативно долго и знае барем во мојот случај да се движи и до цела една година“, раскажува тој.

Секој млад автор си има свој писател од кого ја црпи целосната инспирација. Скандинавските писатели, но и оние од остатокот од Европа имале големо влијание врз творештвото на Јанков.

Сакам да верувам дека секој еден писател прима доста влијанија од сите останати писатели кои што ќе ги прочита за време на својот живот. Во мојот случај, може да се каже дека се сретнуваат некои влијанија од модерниот скандинавски/европски трилер, но тоа не значи дека во иднина нема да се сретнат и некои останати трендови од модерната светска литература“, ни истакна Јанков.

Како што вели тој, во иднина ќе се обиде да ги прошири границите кои македонската современа книжевност ги нуди.

Сакам да кажам дека попрво се пронајдов во ликовите кои што веќе сум ги замислил, а самите тие ликови пак диригираат каква приказна секој пат ќе раскажам. Отсекогаш ме привлекувала и научната фантастика, меѓутоа мојата главна цел е низ овие книги, да ја отсликам современата македонска реалност, а сето тоа да биде претставено пред читателите во едно трилер пакување во стилот на повеќето светски писатели кои тие редовно ги читаат“, смета тој.

Анде до неодамна живеел паралелно на релација Северна Македонија – Германија, но откако се вработил во скопска транспортна компанија, има повеќе време за пишување.

Поддршката од најблиските е потребна за секој автор, а Анде вели дека сега сите со нетрпение ја очекуваат секоја негова наредна книга.

Признавам дека на почетокот на моите поблиски им беше чудно тоа што почнав да се занимавам со пишување, бидејќи сум економист. Па сепак, кога согледаа дека тоа е тоа што ме исполнува, застанаа зад мене“, вели Јанков.

Маркетингот е важна алатка во секое поле, па така и во книжевноста. Јанков вели дека со таа помош, може да се стигне и до секој читател.

Верувам дека помладата читателска публика која редовно чита и странска литература одвреме навреме посегнува и по домашни писатели кои се обидуваат во овој литературен правец. Земајќи ја во предвид и куповната моќ на граѓаните, сите наши писатели се соочуваат со конкуренцијата од странски писатели. Јас истата ја гледам како еден предизвик и мислам дека со еден фин маркетинг, а и добра критика се стигнува до секој читател“, смета 31-годишниот автор.

Секој непознат автор си има свои стравови на почетокот на пишувачката кариера, а Јанков вели дека македонските писатели се многу похрабри од светските.

Најголемиот страв кај мене е дека нема да постигнам да го направам сето она што сум го замислил додека сум на ова парче земја. Што се однесува пак до останатите македонски автори, не би можел да зборувам од името на сите. Меѓутоа можам да кажам од она што го имам посведочено до сега, дека македонскиот автор, за разлика од некои странски писатели при нивните почетоци, е доста похрабар и најчесто на пазарот излегува под своето вистинско име, нешто што и не мора да го прави бидејќи во литературата постои и издавање под псевдоним. Така што имам само пофални зборови до поновата генерација на македонски писатели и автори“, го заврши разговорот тој.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости