Актуелниот претседател Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова речиси сигурно ќе имаат уште еден дуел за претседателската функција. Откако се судрија на претседателските избори во 2019 година, се очекува тие да се соочат и на претстојните избори за шеф на државата во мај годинава, со оглед дека и двајцата засега избиваат како прв избор во владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Иако во двете партии официјално не потврдуваат кои ќе бидат нивните претседателски адути, посочувајќи дека тоа ќе се знае откако ќе се направат сите анализи и ќе поминат внатрепартиските процедури, сепак, сите неофицијални информации укажуваат на реприза на дуелот Пендаровски-Силјановска.
Како што вели висок функционер на СДСМ, се уште не е донесена конечна одлука, меѓутоа, според него, Пендаровски е најдобар на внатрепартиските сондажи. Потоа, тој со ниту еден чекор или гест не отстапил од стратешкиот прозападен курс, а истовремено е прифатлив за Албанците и другите „помали“ етнички заедници.
Всушност, Пендаровски се вклопува во профилот за идниот претседател што во неколку наврати јавно го „нацрта“ лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски. Во таа насока, Ковачевски и во последното интервју за „Фокус“ изјави дека „профилот на претседателскиот кандидат треба да ги дели европските вредности и да ги обединува во заедничка коалиција партнерите од Европскиот фронт“.
–Претседателскиот кандидат треба да се залага за евроинтеграцијата на државата, за надворешна политика што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, кој ги почитува меѓународните договори на државата, и крајно ја почитува и ќе се залага за спроведување на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ.
Претседателскиот кандидат треба да се залага воедно за еднакви можности за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или друга припадност, но и да се залага за европските вредности на врвно владеење на демократија, на социјалната правда, но и за економски раст и развој на државата со кои ќе се обезбеди подобар животен стандард на граѓаните – рече тој.
Од друга страна, пак, Пендаровски првично беше резервиран за уште една, трета по ред, претседателска кандидатура (во 2014 загуби од Ѓорге Иванов, а во 2019 ја победи Силјановска). Како што велеше тој, неговата одлука ќе зависи од поддршката од граѓаните, односно од котирањето на анкетите, како и од поддршката на партиите од владејачкиот блок.
–Сакам прво да го завршам мандатот, имам уште десетина месеци. Проценките што ќе ги правам во однос на нов мандат, ќе бидат кон крајот на годината и притоа, клучно ќе биде дали ја имам поддршка и од граѓаните и од политичките партии. Досега никој не станал претседател како целосно независен кандидат – рече Пендаровски во интервју за „Фокус“ на средината на минатата 2023 година.
Како што пишуваше „Фокус“, во калкулирањето на Пендаровски имаше уште една компонента – партискиот рејтинг на СДСМ, бидејќи од тоа ќе зависи и неговиот резултат, а тој не сака да влезе во однапред загубена битка. Сепак, како што изминуваше годината, шефот на државата испраќаше се појасни и подиректни пораки дека е поблиску до нова кандидатура отколку до политичка пензија.
–Ако ме прашувате денес, декември, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам – рече тој во интервју на „360 Степени“. Во меѓувреме, тој се објаснуваше и за една негова изјава дека не размислува за уште мандат, истакнувајќи дека тоа не значело дека нема да се кандидира, туку дека не е време да се мисли на тоа.
Покрај Пендаровски, СДСМ анкетира уште неколку партиски решенија за претседател, меѓу кои министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, поранешната вицепремиерка Радмила Шекеринска, поранешниот премиер Зоран Заев, па дури, според одредени информации, и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Претседателски кандидати: Анкетите фаворизираат реприза на дуелот Пендаровски – Силјановска!
Веќе подолг период, во партиските кругови што гравитираат околу Бихаќка и Илинденска се зборува дека изборот ќе се врши меѓу Пендаровски и Спасовски, кој беше во игра и на претходните претседателски избори. Тогаш, шефот на полицијата имаше желба да влезе во трка за претседател, но изборот падна врз Пендаровски како надворешно решение што може да повлече плус гласачи надвор од партиските бази.
Но, сега околностите се поинакви. Ако тогаш СДСМ беше фаворит на изборите, сега во фаворитска улога е ВМРО-ДПМНЕ, која, како што велат од таму, има предност од 2 спрема 1 наспроти СДСМ, па дури тврдат дека сами се подобри од СДСМ, ДУИ и Алијанса заедно. Згора на тоа, во нивна корист одат и најавите дека албанската опозиција ќе извади кандидат за претседател.
Во таква ситуација, како што пишуваше неделникот „Фокус“, упатените велат дека поверојатно е Спасовски да ги чека изборните разврски од безбедна дистанца. Во случај на пораз, тој се наметнува како најсериозен кандидат за нов партиски лидер, за што одредени сознанија говорат дека би ја добил поддршката од Заев.
(АРХИВА) Спасовски ја пикира фотелјата на Пендаровски или на Ковачевски?
Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ и претседателските избори, партискиот лидер Христијан Мицкоски изјави дека анкетирале дваесетина имиња. Според информациите до кои дојдовме, покрај Силјановска, меѓу се нив се Сашко Кедев, Ганка Самоилова-Цветановска, Александар Спасеновски, Антонијо Милошоски, Зоран Ставрески, Ивица Боцевски, Горан Момироски, Срѓан Керим, Љупчо Коцарев…
Од сите нив, убедливо највисок рејтинг имал кардиологот Кедев, кој се споменуваше и како носител на пратеничка листа на претходните парламентарни избори. Арно ама, тој јасно кажа дека не е заинтересиран пак да влезе во политиката, од која се повлече откако на претседателските избори во 2004 година загуби од Бранко Црвенковски и му истече пратеничкиот мандат во 2006 година.
–Моите сегашни приоритети не се компатибилни со каков било политички ангажман – рече неодамна Кедев на Сител, додавајќи дека трката за претседател во далечната 2004 година му овозможила да го запознае народот одблизу, но, како што нагласува, неговата политичка приказна е завршена.
После него, најдобро рангирана е Силјановска, но добро стои и Спасеновски. Иако и двајцата се универзитетски професори, кои патем имале блиска соработка на скопскиот Правен факулет, сепак, станува збор за профили со различни позиции во поглед на значајни и крупни политички прашања и случувања.
За разлика од Силјановска, која се спротивставува(ла) кон Рамковниот договор, ги критикувала и Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија и била против уставните измени согласно „францускиот предлог“, Спасеновски има многу помек став во однос на овие теми, што го прави кандидат што повеќе ја следи линијата на меѓународната заедница, чии интереси во последно време се судираат со определени позиции на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа, тој смета дека обврската за уставни измени ќе и остане на следната власт како реалност на која ќе мора да се прилагоди, додека Мицкоски постојано вели дека нивниот став против уставните измени под овие услови нема да осцилира. Освен тоа, Спасеновски често критикувал конкретни потези на Мицкоски, како, на пример, обидот да се исфрли ДУИ од власта.
–Од аспект на поводите за барањата на ВМРО-ДПМНЕ за исклучување на ДУИ можеме да најдеме причини, меѓутоа од аспект на тоа дали ваквото решение придонесува или одмага, мојот заклучок е дека тоа не е полезно за стабилноста на државата и за евентуално полесно и подобро надминување на политичките предизвици со коишто се соочуваме во моментов – рече Спасеновски во едно интервју.
Во однос на потенцијална претседателска кандидатура, тој изјави дека запознаен е оти се прават анкети и дека долгата партиска листа се намалува, но сепак додава дека личниот рејтинг и политичките ставови се само дел од критериумите, бидејќи, според него, партиите при изборот се водат и од други познати и помалку познати варијабли.
Една од тие варијабли што се зема во предвид при носење на партиски одлуки од кадровски карактер е лојалноста или довербата. Во тој контекст, партиски извори велат дека довербата на релација Мицкоски-Силјановска значително се зголемила во изминативе години, кога Силјановска доби доверба да ја води и пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица.
Иако Силјановска настапува далеку посамостојно и независно во Собранието во споредба со другите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи во предвид дека често знаела да говори, па дури и да гласа поинаку од колегите од опозицијата, сепак, добро упатени партиски извори велат дека тоа никогаш не предизвикало проблем во нејзиниот однос и комуникација со Мицкоски.
Според нашите соговорници, Силјановска имала големи дилеми дали да влезе во претседателска битка пред 5 години, но на крај одлучила да го напушти комодитетот и да влезе во политика, каде ќе има можност нешто да промени. Но, ако тогаш имала дилеми, велат истите соговорници, сега веќе нема дилеми во однос на партиципацијата во политичкиот и изборниот процес.
–Не велам – не, бидејќи ќе биде неодговорно потоа да ме потсетувате дека сум рекла не. Ама не сум сигурна – рече неодамна Силјановска на серијата прашања на „360 Степени“ за тоа дали повторно ќе биде кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори.
Оттука, според нашите информации, одлуката за кандидирање на Пендаровски и Силјановска веќе е неофицијално донесена, но чека да биде формализирана преку статутарно пропишаните внатрепартиски процедури, со тоа што во СДСМ претседателскиот кандидат треба да помине на конгрес, а во ВМРО-ДПМНЕ на изборна конвенција.
Како што сега стојат работите, во трка за претседател треба да се вклучат и лидерите на ГРОМ и ЗНАМ, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски, кои изборите ќе ги искористат за промоција и факторизација. И Левица ќе исфрли кандидат. Ако информациите досега одеа во правец дека тоа ќе биде академикот Коцарев, сега се споменува и универзитетскиот професор Бранислав Саркањац.
Исто така, претседателски кандидат најавува и албанската опозиција. Неофицијално, нивниот прв избор бил поранешниот градоначалник на Гостивар Руфи Османи, но тој наводно ја одбил понудата. Партиски извори велат дека бараат антидуи профил, при што го посочуваат и екс министерот за финансии Џевдет Хајредини. Во игра е и кадар близок до Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.
Доколку албанската опозиција исфрли кандидат, тогаш се зголемуваат шансите тоа да го направи и ДУИ, иако неофицијалните сознанија засега одат во насока дека поголеми се шансите ДУИ, па и АА, да го поддржат кандидатот на СДСМ. Она што е понеизвесно, е дали трите партии ќе одат со заеднички предизборни пратенички листи.