Анализа на психологот Ана Попризова: „Истрауматизираната“ средина и насилството кај возрасните се пресликува во школските клупи

by fokus

Српскиот убиец ги надмина и американските, а нас само нѐ потсети дека не сме многу далеку. Родителите, наставниците, психолозите и психијатрите се кренаа на нозе. Барајќи ги причините за трагедијата, стигнавме до болните училишта и болните домови.

Цел регион, психолози, психијатри и други специјалисти анализираат кои се причините што го натерале тинејџерот да стане најбрутален убиец, односно да стане дете, кое на најмала возраст убило најмногу луѓе.

И психолозите во Македонија се отворени за анализа на српскиот убиец, но поради недостиг од целосни информации велат дека може само да се претпоставува што конкретно ја испровоцирало целата ситуација.

Ана Попризова, долгогодишен психолог во гимназијата „Орце Николов“, за „Фокус“ анализира дека она што може да констатира е дека настанот бил планиран и дека е изведен со умисла.

Попризова вели дека причините можеме да ги бараме и во психолошката структура на сторителот, влијанијата од семејството и средината, социјалните медиуми, но и пошироко, во транзицијата на општествените вредности, нормализацијата и неказнувањето на насилството во сите сфери на општеството и колабираниот образовен систем.

 – Личноста на детето се гради низ неговите интеракции и релации во социјалната средина. Нашата социјална средина е сериозно „истрауматизирана“ во последните 30 години, поради конфликти, продолжена криза, политички превирања, сиромаштија и нормализирање на насилството и неосудување, а и подолгорочно доколку гледаме историски какви сѐ настани се случувале.

 Тие „трауматски искуства“ се пренесуваат од генерација на генерација и директно влијаат врз воспитните стилови и однесувањето на родителите. Кај нас вообичаена е пораката: „Мене ме тепаа родителите, па испаднав супер!“ А кога ќе го видите тоа „супер“ , гледате или насилник, или зависник. Токму ова се можните реакции на траумата кај една личност – објаснува Попризова.

ИНСПИРАЦИЈА – УБИСТВАТА ВО САД

 Живееме во време кога поради глобализацијата, светот е поврзан на многу поинаков начин и информациите се достапни до и од сите делови на светот, па Попризова верува дека масовните убиства во САД биле инспирација и за ова дете.

Децата и младите се особено изложени на ова, препуштени на најразлични содржини. Денес информациите се достапни на сите, но на децата им е потребна емотивна и етичка поддршка при нивното разбирање, бидејќи некои можат да ги збунат, вознемират, заплашат… Потребно им е да зборуваат за тоа што е прикажано на Тик ток и да го разберат – вели психологот од скопската гимназија.

Кај помалите деца, пак, како што објаснува, не е секогаш јасна ниту границата меѓу физичката и виртуелната реалност, како и механизмите на сугестибилност што се користат при предизвиците.

Според статистиките што ги презентира Попризова, кај нас секоја трета жена е жртва на семејно насилство, при што секако страдаат и децата.

Најупотребуван лек ни е „дијазепамот“, долната граница за консумирање алкохол и дрога е спуштена во 8 и во 9 одделение, коцкарниците ни се полни со малолетници, а зависноста од интернет е енормна, односно 90 отсто млади имаат социјални мрежи без регулација за безбедно користење.

Всушност, целото нефункционирање на системот се огледа во овој настан, па Попризова вели дека ова е шанса да се соочиме со ова.

НАСИЛСТВОТО СЕ ПРЕСЛИКУВА

 – Училиштето, кое често се наведува како „виновник“, не е изолиран систем, туку е дел од општеството. Сѐ што се случува во општеството, се прелева и во образовниот систем. Насилството од светот на возрасните се пресликува во школските клупи, преку демонстрација на моќ во самата структура на институции на МОН, дејствување на родители од позиција на моќ, девалвација на позицијата на наставниците и перманентниот притисок на кој се изложени. Притисокот се прелева од врвот кон подножјето, а во овој случај во подножјето се учениците – вели Попризова.

Булинг е модерниот збор за врсничко насилство, кој во последните години стана многу актуелен и на кој во општеството му се придава поголемо значење, иако вакви појави постоеле секогаш.

 Попризова  вели дека булингот е комплексен проблем, кој бара системски пристап.

На ова се надоврзува и сајбер-насилството, кое вклучува испраќање или објавување навредливи пораки, коментари или слики преку интернет или преку мобилни телефони, исклучување од социјалните мрежи и наведување на други да предизвикуваат насилство. Во основа на меѓуврсничкото насилство е злоупотребата на моќ што се поставува пред жртвата или жртвите, а поткрепувачи на насилството се сведоците, соучениците пред кои тоа се изведува. Сите тие го креираат „кругот на насилство“ – вели Попризова.

Генерализацијата на случувањата во Македонија, кога беше силувано осумгодишно дете од други малолетници и тоа се снимаше, самоубивањето на двајца средношколци, трагичните снимања на младите за Тик-ток, односно дека сите овие случувања се производ на користењето на социјалните мрежи, според Попризова не ни е од полза.

-Сигурно дека дел можеме да објасниме со влијание на социјалните мрежи, но не е проблемот во мрежите, туку во нивното неограничено и небезбедно користење од страна на децата. Ова се должи на недоволната информираност на родителите за можните ефекти, бидејќи тие најчесто не ни знаат што прават нивните деца на интернет. Затоа треба многу и итно информирање како и воспитување за безбедно и ограничено користење на интернет и на родителите и на децата. Секако и во образовниот систем треба да се воведат соодветни содржини, вели во Попризова.

МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НЕ Е СТИГМА

Од друга страна, објаснува таа,  случаите на сексуална злоупотреба и вознемирување, силувањата беа присутни и пред постоење на социјалните мрежи, а со нивна појава само станаа јавни.

-Во основа на овие појави е повторно насилство и злоупотреба на моќ и родови стереотипи, само што возраста е многу мала и ова треба да биде аларм  во насока на што побрзо воведување на сеопфатното сексуално образование, порачува таа.

Убиството и самоубиството, објаснува психологот, се на двете екстремни точки на агресијата. Во првиот случај личноста ја насочува агресијата надвор од себе, во околината, кон другите. Во вториот случај ја врти кон себе. Сите други нијанси на агресија и насилно однесување со кои сме опружени се некаде помеѓу овие две крајности.

-Секоја личност чувствува лутина и бес и секој од нас на различни начини се справува со тие чувства. За жал некои однесувања се брутални и нанесуваат зло на други и губење на животи. За жал некои се предизвикани од влијание на врсниците и средината. Воспитување за емоционална писменост, емпатичност, стратегии за самоорегулација и справување со емоции, толеранција и недискриминација и сл. се еден од начините за унапредување на добросостојбата на младите, објаснува Попризова.

Треба да се надмине стигмата за менталното здравје и родителите да се информираат каде може да се побара помош. Попризова објаснува дека во моментов кај нас не постојат центри за пружање на психолошка помош на младите, тие реално немаат каде да се обратат, а приватните услуги не се достапни до сите.  Во секоја општина треба да има ваков центар, составен од тим од стручни лица.

ИМА МНОГУ СЛУЧАИ НА АНКСИОЗНОСТ И ДЕПРЕСИВНОСТ

Некои ученици ја препознаваат педагошко-психолошката служба како дел од нивната мрежа на поддршка и најчесто доаѓаат кај нејзе за проблеми поврзани со училишниот успех и постигнувања, бихајвиорални, семејни и лични проблеми.

-Последниве години има многу случаи на појава на анксиозни и депресивни состојби, самоповредување, панични напади и психосоматски манифестации (нарушено спење, проблеми со исхрана, болки во стомак, повраќање, главоболки, плачливост и сл), сведочи Попризова.

Таа ги повикува родителите да почнат да преземаат одговорност за своето родителствување преку поголема едукација, свесност за одговорностите на родителството и усвојување на вештини на свесно родителство, бидејќи одговорноста за животот и здравјето на нивните деца е најпрво нивна.

РАБОТА И ВРЕМЕ ЗА ДЕЦАТА

Секое дете се идентификува со своите родители, ги гради првите релации со нив, го моделира свето однесување преку набљудување на нивното однесување, ги учи начините за справување со своите емоции низ комуникацијата со нив и ги усвојува нивните вредности.

– Она што можат родителите да направат во овој период е да комуницираат со своите деца, да одвојат дел од денот во кој ќе поминат квалитетно време со своите деца, ќе прават заеднички некои активности, ќе разговараат со нив за сите грижи, стравови што ги имаат нивните деца, ќе им дадат поддршка, ќе проверат како се чувствуваат и што се случува во училиште, што се случува на социјалните медиуми, во групите и мрежите што ги имаат учениците, ќе зборуваат за безбедно користење интернет и кои потреби и интереси ги имаат нивните деца – порачува Попризова.

Доколку детето има проблем, потребно е да побараат дополнителна психолошка помош и не треба поради стигмата да го негираат, прикриваат проблемот и да имаат отпор и самите да ја прифатат ситуацијата.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости