Анализа на „Фокус“:  Ексдиректорка на МЕПСО и газда на обложувалница ќе градат ветропаркови

Фотоволтаици, централи, ветерници и гасни централи ќе градат бизнисмени блиски до двете најголеми партии - ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, странски бизнисмени со сомнителни бизниси и политички врски, млади претприемачи, чии родители се дел или биле дел од политичките елити во Македонија, поранешни пратеници, градоначалници, советници, адвокати, актер, па дури и Македонската православна црква.

by irena 10:30
10:30

По предлог на Министерството за енергетика, владата го донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. Од вкупно 284 иницијативи, прифатени се 67 иницијативи со инсталирана моќност поголема од 1 мегават. Доколку сите инвестиции се реализираат, ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра.

Интересот е толку голем кај бизнисот, посебно оној што е поврзан со политичките елити. Но, голем интерес има и кај политичките функционери за инвестирање во обновливи извори.

До пред некоја година, партиите го користеа секој момент за политичка борба и дневни обвинувања кој повеќе изградил и кој повеќе ги искористил врските со власта, партијата или во самите институции, но сега мудро молчат затоа што нивните функционери се најголеми инвеститори во енергетскиот бизнис.

„Фокус“ во сторија за неделникот објавен на 26 февруари го анализираше годишниот план за изградба на енергетски објекти за производство на електрична и топлинска енергија и складирање електрична енергија за 2026 година, односно провери кој сè ќе инвестира во енергетски објекти во земјава со капацитет над 1 мегават. Во овој дел ги објавуваме фирмите кои ќе градат ветерници.

ВЕТЕРНИЦИ СО МАКЕДОНСКИ КАПИТАЛ

Во годишниот план за изградба на енергетски објекти за производство на електрична енергија за 2026 година, на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, од пријавените седум почетни инвестиции за ветерни паркови, повеќето се од страна на домашни инвеститори.

ВС Инженеринг Група пријавила ветерен парк од 85 мегавати во пелагонискиот регион. Сопственици се синот и снаата на актерот Драган Спасов Дац, Јаков и Софија Спасови, заедно со извесен Владимир Коневски. Домашна инвестиција треба да е и ветерницата на новоформираната компанија Виенто Енергетико во источниот крај од земјата со капацитет од 47,6 мегавати.

Досега најпознатите ветерни паркови што веќе се почнати со работа или се во изградба се на странски инвеститори. Такви се „Парк на ветерни електрани Перун“ на словенечкиот Интеренерго, „Богословец“ во сопственост на Тхор Импекс од Луксембург, како и турскиот „Калтун енерџи“. Во изминатото лето почна изградбата на најголемиот ветерен парк во земјава на 326 хектари, на инвестицискиот фонд на „Алказар“. Според најавите, инвестицијата ќе изнесува половина милијарда евра за 55 ветерници на територијата на Штип, Карбинци и Радовиш.

Ветерна електроцентрала од 57,6 мегавати ќе гради компанијата ППЕМ БРУССЕЛС ДООЕЛ Струмица, каде што актуелен генерален менаџер е Ева Шуклева. Таа, во 2019 година стана генерален директор на државната МЕПСО по барање на премиерот Зоран Заев. Шуклева, кариерата ја почна во Електростопанство на Македонија, па работеше во ЕВН, од каде што отиде во МЕПСО. Важи за голем познавач на работите во енергетиката.

4 ВИНД ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје ќе гради ветерна електроцентрала во североисточниот регион со инсталирана моќност од 122,4 мегавати. Основачи на компанијата се Даниел Лалков, еден од најголемите кавадаречки бизнисмени и Ѓоко Стерјоски, сопственик на спортските обложувалници „Спортлајф“. Покрај дводеценискиот бизнис со спортските игри на среќа и прехранбената индустрија, Стерјоски е важен играч и во бизнисот со обновливи извори на енергија, особено со малите хидроцентрали (МХЕЦ).

ДПТУ ВЕТЕРЕН ПАРК ВИРОВИ СКОПЈЕ ќе гради ветропарк со инсталирана моќност од 414 мегавати. Инвестицијата на германски „ВПД“ беше актуелна уште во 2021 година, кога ја објави тогашниот премиер Заев. По три години, актуелниот премиер Мицкоски ја најави како инвестиција на неговата влада. Ветерниот парк ќе се изгради помеѓу Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане.

Инаку ветерен парк од над 150 мегавати инсталирана моќност ќе гради и градежната компанија СТЕНТОН од Битола, која е една од најангажираните фирми на тендерите, кои ги распишуваат општините во времето на политичко владеење на двете најголеми партии.

(продолжува…)

автор: Орце КОСТОВ

 

Слични вести