Одлуката за тоа дали ќе и биде доделен датум за преговори на Северна Македонија предизвика сериозна раздвиженост на социјалните мрежи. Мониторингот на F2N2 забележа низа сомнителни активности и објави поврзани со ставови, реакции и информации на оваа тема. Сепак, една објава на фејсбук-страницата „Мисија”, која се однесува на лажна (фотошопирана) фотографија од наводен твит на новинарот Борјан Јовановски, според анализите привлече внимание на социјалните мрежи.
Оваа фотошопирана фотографија е демантирана од страна на новинарот Јовановски. Содржината гласи „Француски гнаси цигански цркнете!” и претставува експлицитен говор на омраза кон Франција и ромската популација.
Оваа анализа на F2N2 има за цел да покаже кој е начинот на кој оваа и слични фејсбук-страници преку нивните објави влијаат на јавното мислење. Притоа, предмет на анализа се содржините на објавите кои се креирани од администраторите на оваа фејсбук-страница, а не актерите на кои истите им се импутираат, употребуваат или злоупотребуваат.
-По којзнае кој пат во изминативе неколку години сум жртва на лажните вести и манипулации на социјалните мрежи и таканаречените медиуми во служба на манипулација на јавното мислење. Коментирајќи ја француската позиција во однос на почетокот на преговорите напишав дека Франција треба да ги земе предвид грешките кои нивната дипломатија ги направи за време на војните во поранешна Југославија, сега, кога носи нови важни одлуки за Балканот. Овој мој кус коментар го споделив на Твитер, за само неколку часа подоцна на извесна ФБ страница со наслов “Мисија” да дознаам дека мојот твит е фалсификуван, па со слика од мојот профил и со мое име е пренесено дека сум напишал „Француски гнаси цигански цркнете” . Истиот пост е споделен повеќе пати од именуваната фејсбук-страница и кај многумина создаде забуна околу тоа дали јас навистина сум напишал такво нешто. Некои се посомневаа, а според коментарите на други беше очигледно дека се убедени во вистинитоста на тој пост. Посебно ме погоди реакцијата на еден долгогодишен активност во борбата за правата на Ромите. Со него сум соработувал на повеќе ТВ емисии чија цел била да помогнат во решавањето на проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани Роми. Неговата реакција е сериозен индикатор за тоа каква е улогата , влијанието и деструктивната моќ на лажните вести. За жал, како што реков на самиот почеток, ова не е првпат, па добро ми е познато дека поради клевети упатени на мое име од машинеријата за производство на лажни вести сум бил доведен во низа непријатности од најразлична природа. Оваа прилика сакам да ја искористам да кажам дека несанкционирањето на свесното ширење на лажни вести делува мошне деструктивно на различни нивоа. Обидите да се заштитам и себеси и моето семејство барајќи ја правдата на суд се неуспешни. Па така, и покрај правосилноста на пресудата против лицето Миленко Неделковски кој со години наназад повторува дека мојот татко бил “кодош“, се користи и понатаму само затоа што институциите не се во состојба да ја спроведат судската одлука со која се потврдува лажноста на исказите и тврдењата на Неделковски, вели во врска со објавата за F2N2 Јовановски.
Фејсбук-страницата “Мисија” е креирана на 4 ноември 2017 година. Името на оваа страница било променето 3 пати: “Комисија за економија”, “Комисија” и “Мисија”. Фејсбук-страницата е менаџирана од страна на три лица од Северна Македонија.
Целата анализа погледнете ја на следниот линк.