Грчките медиуми: Стоп од Макрон за Скопје и Тирана во ЕУ

by fokus

На непроменетиот став на Франција во однос на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија го ставаат грчките медиуми акцентот во текстовите за Самитот на ЕУ и недонесената конкретна одлука за проширувањето.

Грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите објави дека за проширувањето на Европската Унија и европската перспектива на Северна Македонија и Албанија утрово одново се дискутира на вториот ден од Самитот на ЕУ, jави дописничката на МИА од Атина.

Голем дел од грчките медиуми го презедоа текстот од новинската агенција АНА-МПА под наслов „ЕУ: Не постоеше договор за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“, во детално се пренесени изјавите од прес – конференцијата во Брисел.

Франција беше една од трите земји што го спречија почетокот на пристапни преговори и раздвојување на двете кандидатури, објави АНА-МПА и повикувајќи се на француски дипломатски извор пишува дека разговорите за проширувањето на ЕУ биле долги и тешки.

-Никаков текст за ова прашање не беше усвоен, бидејќи не постои договор за да почнат пристапните преговори, рекол францускиот дипломатски извор за АНА-МПА.

„Самит на ЕУ: Три земји го блокираа почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“; „Француско вето за интеграција на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“; „Блокада од Франција за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“; „Стоп од Макрон за Скопје и Тирана во ЕУ“; „Мицотакис и Ципрас поддржуваат интеграција на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“; „ЕУ без договор за преговори со Северна Македонија и Албанија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција.

-Владини извори објаснуваат дека синоќешната разврска не значи дека прашањето е одложено. Од една страна прашањето може денес повторно да биде ставено на дискусија за време на вториот ден од Самитот на ЕУ, а од друга страна, предвидено е лидерите на ЕУ конечно да дадат зелено светло на еден од следните самити, ако денес нема некаква разврска, пишува „Нафтемборики“.

-И покрај многучасовниот состанок на првиот ден од Самитот во Брисел, не излезе бел чад за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, пишува информативниот портал „Њузит“.

-Франција, поддржана од уште две земји, ги блокираа пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, ширејќи разочараност и во двете балкански земји, пишува „Ефимерида тон синдактон“

-„Vive la France“ ќе извикаат оние кои се скептично за интеграцијата на Албанија и Скопје во Европската Унија, бидејќи по маратонската дискусија на 28-те европски лидери што заврши кусо пред 3 часот, ја официјализираа неможноста за постигнувањето договор, пишува „Прото тема“.

Поврзани новости