(АНАЛИЗА) „Дестабилизација“ или манипулација заради поларизација: Како да известуваат медиумите за обвинувања за ,,дестабилизација” на државата?

by fokus

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Во интервју од 01.08.2024, премиерот Христијан Мицкоски јавно обвини дека „ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“. Притоа, Мицкоски даде ветување од име на Владата дека „ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава“.

Но, во меѓувреме, на јавноста и беа ускратени веродостојни информации кои конкретни мерки ги презема владата за да го заштити „суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава“. Медиумите и новинар(к)ите не вложија доволно напори да ја проверат веродостојноста на обвинувањата на премиерот и не му поставија доволно конкретни прашања за тоа какви докази има за своите тврдења и кои „неопходни мерки“ ги презема како премиер.

Во претходната (АНАЛИЗА) Тема на неделата: „Дестабилизација“ – реална закана, политичко пророштво, или теорија на заговор? укажавме дека ако по изнесувањето на непотврдени информации и шпекулации за некакви „планови за дестабилизација“ не уследи соодветна институционална акција, тогаш се намалува довербата во државните институции кои треба да се грижат за безбедноста.

Во оваа анализа, ќе ги покренеме прашањата како медиумите треба да известуваат во врска со обвинувања за евентуални обиди за дестабилизација на државата, и како новинар(к)ите можат да им помогнат и на граѓаните (да ги добијат информациите од јавен интерес), и на институциите (надлежни да ги спречат евентуалните обиди за дестабилизација на државата).

Притоа, ќе го проследиме и продолжувањето на медиумско-политичката „кампања“ против опозициските партии ДУИ и СДСМ, кои беа јавно обвинети за обиди за дестабилизација од страна на премиерот, вицепремиерот, министерот за внатрешни работи и новиот национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. Ќе видиме и како темата „дестабилизација“ медиумски ги засени и политичките пораки од паралелните одбележувања на 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Наспроти бројните обвинувања за дестабилизација од челни владини и политички претставници, забележителен беше институционалниот молк на надлежните институции за зачувување на безбедноста, мирот и сигурноста на граѓаните.

Во име на јавниот интерес, медиумите и новинар(к)ите имаат должност да го „разбијат“ молкот на надлежните институции, особено откако премиерот упати експлицитно обвинување кон ДУИ како „сериозен фактор за дестабилизирање на регионот и Македонија“. Исто така, медиумите и новинар(к)ите имаат должност да не ја продлабочуваат политичката и општествена поларизација при известувањето за чувствителни теми, како што се обвинувањата за дестабилизација на државата. Поставувањето на клучни новинарски прашања од јавен интерес, и настојувањето да се добие релевантен одговор од надлежните институции, е професионална обврска на новинар(к)ите. Позитивен пример беа новинарските прашања до претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која изјави дека „индиции се едно, а закани за дестабилизација се друго…“, повторувајќи дека нема да го свика Советот за безбедност.

  1. Дестабилизација или манипулација: „безбедњаци“ коментираат „гласини“ и шпекулации

Дел од медиумите продолжија да ја подгреваат политичката и општествена поларизација на тема „дестабилизација“ со некритичко пренесување на партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која бараше осуда на „планот на ДУИ за дестабилизација“, таргетирајќи ја притоа и СДСМ.

На пример, во насловот АХМЕТИ СЕ МИСЛИ КАДЕ ДА УДРИ Секој обид за дестабилизација на државата ќе биде експресно задушен, тврдат безбедњаците (Плусинфо, 12.08.2024), во првата реченица неосновано се тврди дека „Ќе има обиди за дестабилизиција на безбедносната состојба во Македонија, особено поради тоа што најавите доаѓаат од повеќе меѓународни фактори“. Меѓутоа, во текстот воопшто не се наведуваат изјави или најави од „повеќе меѓународни фактори“, туку изјави и пророчки најави од лица кои се претставени како „безбедносните експерти“. „Безбедњаците“ не коментираат факти и сериозни индиции за безбедносни закани, туку „гласини“ и шпекулации, „откако во последно време почнаа да се шират гласини дека партијата на Али Ахмети планира во септември да излезе на масовни улични протести, кои, како што дознаваме, во голема мера ќе наликуваат на „Шарената револуција“ и кои би можеле да бидат насилни“.

Во изјавата на првиот „експерт“ (професор за безбедност Стефан Буџаковски) пророчки се тврди дека „повеќе од очигледно е дека раководството на ДУИ наскоро ќе издаде наредба за дестабилизирање на безбедносната состојба во Македонија“. Меѓутоа, веќе во следната реченица, „повеќе од очигледно“, станува „најверојатно“: „…најверојатно ќе се обидат наесен да направат обиди за дестабилизација на државата…“. Медиумот не укажува дека станува збор за претпоставки и шпекулации, кои се подметнуваат како факти („повеќе од очигледно“).

Вториот „експерт“ и „безбедњак“ во текстот е претставен како „поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов“, иако станува збор за новиот Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. И Трајанов пророчки тврди: „Сигурен сум дека ќе има обиди за дестабилизација на безбедносната состојба во Македонија, особено поради тоа што најавите доаѓаат од повеќе меѓународни фактори. Целта на ДУИ е да изврши дестабилизација на државата само за да се врати на власт“. Новинарот не прашува, ниту пак Трајанов кажува какви конкретни докази има за своите пророчки тврдења и какви мерки презема тој за спречување на дестабилизација на државата како „Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам“.

Третиот „експерт“ и „безбедњак“ во текстот е министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој тврди дека „Точно е дека постојат информации коишто се во насока кон дестабилизирање на државата…“, без да наведе никакви конкретни информации. Од понатамошната изјава на Тошковски може да се заклучи дека таквите „информации“ се однесуваат на протести кои би се случиле во иднината: „…сето тоа би било нормално доколку тоа го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести и така натаму…“. Тошковски не тврди, туку сугерира дека е можна дестабилизација: „…но не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација…“. Ниту новинарот го (пот)прашува, ниту пак Тошковски кажува какви конкретни мерки тој презел како Министер за внатрешни работи, ако е вистина дека има „информации коишто се во насока кон дестабилизирање на државата“.

Текстот на Плусинфо е класичен пример на некритичко пренесување на непроверени изјави од двајца функционери надлежни за безбедноста, кои не се прашани и не зборуваат за конкретни институционални мерки за превенција на дестабилизацијата, туку во улога на „експерти“ и политички „пророци“ коментираат „гласини“ и шпекулации за идни протести. Новинар(к)ите  се должни да укажат кога објавуваат информации кои не можат да се потврдат, кога станува збор за претпоставки или шпекулации, особено такви со кои се поттикнува поларизација.

  1. „Првиот вицепремиер“ и премиерот како главни извори за кампањата против ДУИ како фактор на „дестабилизација“ на годишнината од „Охридскиот рамковен договор“ (ОРД)

Во услови кога Владата ја продолжи кризната состојба на целата територија на државата заради состојбата со пожарите, темата „дестабилизација на државата“ воопшто не изгуби од својата медиумска актуелност. Обвинувањата од страна на претставници на владејачките партии (ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН) за „дестабилизација на државата“, главно насочени кон ДУИ, но и кон СДСМ, пробија медиумски и во контекст на „меѓуетничките односи“ за време на паралелните прослави на „Охридскиот рамковен договор“ на 13 август 2024.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити беше еден од главните извори на кампањата против ДУИ како фактор на „дестабилизација“ на годишнината од ОРД, откако повеќе медиуми ги пренесоа неговите изјави дека ДУИ „немаат причина за протести и дестабилизација“, но дека „точно е дека има муабети и кога седнуваат сакаат да рушат…“.

Истиот ден  проби медиумски и одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со паралелните прослави на ОРД, кога за однесувањето на ДУИ коментираше „…жалам што се претворија во сериозен фактор за дестабилизирање на регионот и Македонија.“ Повеќе медиуми некритички ги пренесоа пораките на Мицкоски „Располагаме со дополнителни информации за планот на ДУИ за дестабилизација“ и „Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија“.

„Лидер“ извести дека премиерот открил „Опасен заговор за дестабилизација“, без да извести за соодветна институционална реакција, освен: „Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека ДУИ можеби ќе преземе чекори за дестабилизација на Македонија оваа есен“.  Повторно станува збор за медиумско објавување на информации кои не се потврдени или не можат да се потврдат, како и претпоставки или шпекулации.

Порталот „Во Центар“ објави сензационалистички наслов „Мицкоски: Наесен ДУИ планира да ја дестабилизира државата со протести, со радикални групи од странство“, без да се дадат дополнителни информации за таквите „групи од странство“ (Во текстот се споменуваат „радикални групи од маало“).

И сензационалистичкиот прилог на ТВ Алфа „ДУИ ја губи моќта меѓу Албанците во Македонија, па затоа може да се обиде да мобилизира групи од соседството“ започнува со драматична изјава дека ДУИ „наголемо се спрема за турбулентна есен“. Во прилогот „соседството“ е спомнато во следнава изјава на Мицкоски: „Од друга страна, исто така, доаѓаат информации дека се обидуваат да анимираат критична маса во соседството“. Ниту еден медиум не објави конкретни информации за конкретни луѓе кои наводно заговарале „дестабилизирање на регионот и Македонија“, ниту за конкретни „радикални групи“.

  1. Новинари и медиуми бараат повеќе информации какви се тие планови за дестабилизација, „првиот вицепремиер“ Меџити не дава конкретни информации, туку обвинувања и шпекулации

На 13.08.2024 медиумски проби и пораката од гостувањето на ТВ Сител на „првиот вицепремиер“ Меџити дека „Mал број луѓе со црни пари посакуваат дестабилизација за да си ја спасат кожата“. На прашање на новинарот на ТВ Сител, дека „23 години подоцна ние сè уште играме на меѓуетничката карта, односно, политичките партии играат на таа меѓуетничка карта, и 23 години подоцна, ние сè уште слушаме можности за дестабилизација на земјата, зошто ни се случува ова?“, Меџити одговори: „…Во однос на овие дестабилизации, закани, мислам дека треба да ги сфатиме ДУИ, после 20 години не можат да се соочат со реалноста дека се опозиција… но, во принцип нема да има такво нешто, бидејќи немаат некоја политичка кауза. Не се спремни граѓаните и не посакуваат да протестираат, да дестабилизираат кога не постои некоја политичка кауза, или пак кауза им е Соравија и други коруптивни зделки.“

Новинарот на ТВ Сител покажа поголем интерес за „плановите за дестабилизација“, и постави конкретно прашање во таа насока: „Имате ли вие повеќе информации какви се тие планови за дестабилизација за која што предупредува Мицкоски, тој денеска излезе со дополнителна информација дека пет-шест луѓе биле вклучени во тој план за дестабилизација, со милионски суми на нивните сметки?“.  Наместо да даде конкретни информации во врска со плановите за дестабилизација спомнати од премиерот, вицепремиерот Меџити продолжи со обвинувања и шпекулации: „Точно е дека има црни пари и може значи посакуваат да има магла за да си ја спасат кожата. Но, тоа се мал број на луѓе, и не мислам дека заради тие мал број луѓе, некој ќе посегне значи да крши закони, или да сноси одговорност утре за некакво си дестабилизирање…“. Јавноста повторно не доби конкретен одговор за „плановите за дестабилизација“, туку предвидувања и обвинувања.

Наспроти пророчките предвидувања на првиот вицепремиер Меџити дека „нема да има такво нешто“ како „некакво си дестабилизирање“, дел од медиумите ја зајакнаа неговата порака дека имало луѓе „со црни пари“ што посакуваат да има дестабилизација. Во сите погоренаведени медиумски примери се содржани сериозни обвинувања за обиди за дестабилизација, кои некритички беа пренесени од медиумите и новинар(к)ите, без да вложат доволно професионален напор за проверка на основаноста на тие обвинувања.

  1. Поларизирачки изјави на Ахмети и медиумско разгорување на етнички и политички страсти

Политичката поларизација се продлабочи откако и лидерот на ДУИ, Али Ахмети даде свој придонес во жанрот „политичко пророштво“ при одбележувањето на годишнината од ОРД, а дел од македонските медиуми ги врамија изјавите на Ахмети како експлицитни или затскриени закани. Иако „дезинформациските наративи и теории на заговор за „поништување“, „исчезнување“, „уништување“, „разнебитување“, „етноцид“ и (идентитетски) „геноцид“ на македонскиот народ не се нешто ново во македонскиот медиумски простор“, наративи кои содржат црни пророштва за македонскиот идентитет или народ, лесно можат да се интерпретираат како заканувачки, потпалувачки и поларизирачки наративи. Тоа беше случај и со „политичкото пророштво“ на Ахмети за „Македонците како народ, нација“.

На пример, во насловот на ТВ Алфа експлицитно се тврди дека „Ахмети сега се заканува“ (23 години од Рамковниот договор: Го донесе мирот, Ахмети сега се заканува дека ако не се соработувало со ДУИ немало да има Македонци). Сепак, во текстот на прилогот се зборува за „затскриена закана“: „Али Ахмети дури и испрати и еден вид затскриена закана, дека доколку не се соработувало со нив, немало да постојат Македонците.“  ТВ Алфа во текстот од прилогот признава дека Ахмети рекол дека „Македонците како народ, нација може да одат напред само во комуникација и усогласеност и во добри односи со Албанците“, а не со ДУИ (како што стои во насловот). Потоа, во истиот прилог погрешно се тврди дека Ахмети рекол „Инаку ќе ги голтнат Србите, Албанците и Грците.“ Во овој дел од пренесената изјава на Ахмети во ТВ прилогот (синхронизиран превод на македонски јазик) воопшто не станува збор за „Албанците“, туку за „Бугарите“: „Инаку ќе ги голтнат Србите, Бугарите и Грците“. Иако Албанците воопшто не беа спомнати во овој контекст кога се набројуваат соседи кои се претставени како закана за „Македонците како народ, нација“, тие се спомнати во текстот на прилогот наместо Бугарите.

Иако дел од медиумите поставуваа дилема (Добронамерна или заканувачка порака-што сакаше Ахмети со-Македонците ќе бидат „проголтани“?), а дел ја истакнаа пораката „Македонците може да напредуваат само во добри односи со Албанците, заедно се посилни“, за некои коментатори немаше никакви дилеми во однос на „заканата на Али Ахмети Македонците да бидат „проголтани од Србите, Бугарите и од Грците““. Весникот Нова Македонија објави сензационалистички наслов „ДУИ со хибридна војна до освојување на власта“, а во една „експертска“ изјава Ахмети беше оцрнет како „јавач на апокалипсата“.

  1. Меѓупартиски обвинувања по „заканите на Ахмети“

„Заканите на Ахмети“ беа повторно повод ВМРО-ДПМНЕ медиумски да ја оцрнува „СДС“, во пакет со ДУИ (ВМРО-ДПМНЕ: Коалицијата меѓу СДС и ДУИ сè уште е жива, заедно продолжуваат да работат). Во сличен оцрнувачки стил реагираше и владејачката партија ЗНАМ, не само со напад врз Ахмети, туку и со (контра)напад врз владиниот партнер ВРЕДИ. ЗНАМ ја нападна ВРЕДИ поради „настап на потпретседателот на владата Изет Меџити и неговата изјава со квалификации дека Движењето ЗНАМ-За наша Македонија е националистичка партија, која има антиалбанска доктрина“. ЗНАМ упати препознатлива „порака и до Вреди и до ДУИ“, еден од главните наративи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во изборната кампања, кој ја продлабочуваше Етничката и политичка поларизација во контекст на изборите во 2024 година: „Никогаш повеќе Македонците нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава!“

Ваквите поларизирачки наративи и обвинувања на тема „дестабилизација“ продолжија да бидат некритички објавувани во медиумите и во наредните денови. СДСМ обвини дека „ВМРО-ДПМНЕ им гласа одлуки на ДУИ, оние кои ќе ја дестабилизираа државата“. На 14.08.2024 ВМРО-ДПМНЕ излезе со партискиот став дека „прибегнувањето на ДУИ кон насилни методи и заканите со дестабилизација нема да не поколебаат“. СДСМ обвини дека „ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ наутро заплашуваат со дестабилизација, попладне гласаат како коалиција“, откако „пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го изгласаа предлогот на ДУИ за формирање на собраниска комисија за мониторирање на спроведување на балансерот“. Во интервју за „Фокус“ објавено на 15.08.2024 – „Не би се чудел ако ВМРО и ДУИ договориле стратегија за подигање на меѓуетничката тензија со наративи за дестабилизација“, лидерот на СДСМ, Венко Филипче укажа дека На ВМРО и на ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација!: „Освен секојдневните прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски, ниту кој било друг од владата не почна истрага или презема нешто конкретно. Претседателката Силјановска воопшто не е запознаена со овие најави, Советот за безбедност не е ни формиран, а среде таканаречена дестабилизација, премиерот заминува на одмор.“

  1. Мицкоски со „индиции“ и нови обвинувања за дестабилизација

На 15.08.2024 премиерот Мицкоски доби конкретно новинарско прашање по тврдењата во јавноста дека на дестабилизација на државата работат мала група на луѓе со „милионски суми“ (што биле повторени и од неговиот заменик Меџити): „Имате ли информација за што станува збор, каква група, за какви пари“? Неполни две седмици откако на 02.08.2024 прогласи „мораториум на разговори на теми кои делат и ги злоупотребуваат етничките прашања“, Мицкоски обелодени обид за провоцирање на етнички конфликт од „високи функционери во поранешни влади“ кои се обидувале „да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија“: „Индиции имаме за елементи коишто располагаат со огромни милионски суми пари. Дел од нив се и високи функционери во поранешни влади и коишто се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен. Во најголемиот дел да манипулираат, и она што мене посебно ме загрижува, се обидуваат да провоцираат етнички конфликт. Односно, да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија.“

Мицкоски укажа дека бил многу вознемирен од обидот да се испровоцира „ваков тип на конфликт“ и дека тоа „нема да го дозволиме“: „Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува, бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не можат да мобилизираат луѓе. И сега, единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт, тоа нема да го дозволиме.“

Потоа, премиерот упати апел до јавноста медиумите и граѓаните, ем да се воздржат, ем да игнорираат „било какви провокации“, укажувајќи дека „сторителите на овој тип на провокации ќе одговараат“: „Апелирам и до јавноста, и до медиумите и до граѓаните, да се воздржат од било какви провокации, да ги игнорираат. Порано или подоцна, сторителите на овој тип на провокации ќе одговараат…“, рече Мицкоски.

И по драматичната порака на Мицкоски дека Има индиции за обиди за дестабилизација на меѓуетничката хармонија од екс функционери, која проби во медиумите, останаа неодговорени многу прашања од јавен интерес.

  1. Ахмети со „демант“ и контра-обвинување за „монтирани владини обиди за дестабилизација“

По средбата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети со евроамбасадорот Дејвид Гир на 15.08.2024, медиумски пробија партиските пораки дека ДУИ „отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација“ и дека „Владата креира сценарија за дестабилизација за да ги обвини другите“. По средбата на Ахмети со бугарскиот амбасадор Ангелов на 16.08.2024, медиумски пробија пораките на Ахмети дека „Лажните тврдења на Мицкоски за дестабилизација стануваат опасни сценарија“ и дека „Тврдењата за дестабилизација се невистинити, затоа не треба да се потпаѓа на провокации“.

Дел од македонските медиуми не ги пренесоа сериозно изјавите на Ахмети. На пример, симптоматичен е насловот на „Плусинфо“ „МА КАКВА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА, ДУИ Е СИМБОЛ ЗА СТАБИЛНОСТ“ Не паѓајте на провокации, порачува Ахмети, а во текстот се упатува на сензационалистичките наслови „АХМЕТИ СЕ МИСЛИ КАДЕ ДА УДРИ Секој обид за дестабилизација на државата ќе биде експресно задушен, тврдат безбедњаците“ и „И АХМЕТИ ЌЕ ПРОБА ДА НАПРАВИ ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА Нѐ очекува бурна и турбулентна есен“. Дојче Веле првично излезе со порака Али Ахмети вели дека нема сценарио за дестабилизација, за потоа да го акцентира во наслов прашањето „Кој стои зад сценаријата за дестабилизација?

  1. Сиљановска – Давкова: Закани за дестабилизација „под наводници“, не се реалност – „индиции за дестабилизација се едно, закани за дестабилизација се друго“

Откако на 16.08.2024 доби новинарско прашање дали ќе го свика „Советот за безбедност“ по наводите дека се спрема дестабилизација на државата, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, изјави дека „Индиции за дестабилизација се едно, закани за дестабилизација се друго, но реалноста е поинаква.“ Објаснувајќи зошто нема да го свика Советот за безбедност, Сиљановска укажа дека покрај пожарите, „ние се соочуваме и со други закани под наводници“ и констатираше „Не гледам дека тие закани се реалност во моментов“.

Во медиумите пробија пораките дека Претседателката не гледа причина за свикување на Советот за безбедност, дека „Индиции се едно, закани за дестабилизација друго, а реалноста е поинаква“, и дека Претседателката Сиљановска-Давкова смета дека нема закани за дестабилизација на државата како што вели премиерот Мицкоски.

  1. Кои новинарски прашања во врска со обвинувањата за „дестабилизација на државата“ заслужуваат одговор?

И покрај изјавите на претседателката Сиљановска-Давкова за „закани под наводници“ кои „не се реалност во моментов“, новинар(к)ите и медиумите се должни сериозно да пристапуваат на обвинувањата за дестабилизација од страна на премиерот Мицкоски. Иако неколку медиуми уште на 10.08.2024 го пренесоа партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ дека „Планот за дестабилизација на државата е осуетен“, новите изјави на Мицкоски од 13.08.2024 дека ДУИ била „сериозен фактор за дестабилизирање на регионот и Македонија“ укажуваат дека станува збор за сериозни обвинувања за постоечки закани од дестабилизација, кои треба сериозно да бидат земени предвид и од медиумите и од надлежните институции.

Имајќи предвид дека на јавноста и беа ускратени веродостојни информации кои конкретни мерки ги презема владата за да го заштити „суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава“, медиумите и новинар(к)ите треба да побараат детални одговори за ветените „неопходни мерки“ од страна на премиерот. Тие треба да продолжат да бараат одговори на повеќе актуелни и сериозни прашања не само од Владата, туку и од другите институции надлежни за зачувување на мирот и безбедноста, за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет, како и за заштита од интеретнички конфликт.

Многу прашања од јавен интерес во врска со обвинувањата за „дестабилизација на државата“ заслужуваат одговор:

Прво, за премиерот Мицкоски како главен извор на информации за „дестабилизацијата“: а) Кои се тие „високи функционери во поранешни влади“ кои наводно подготвувале кривични дела за кои „ќе одговараат“?; б) Дали премиерот ги известил надлежните органи за некое сторено кривично дело, или за подготовка за сторување на кривично дело против државата?; в) За кои конкретни кривични дела против државата станува збор?; г) Дали станува збор за истите закани по мирот и стабилноста на државата за кои премиерот зборуваше на 01.08.2024 или за нови закани?; д) Имало ли, или допрва ќе има владина седница на која ќе се расправа за заканите по мирот и стабилноста на државата, и по суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија?; ѓ) Кои конкретни мерки ги презема и ќе ги презема владата и премиерот за да спречи (етнички) конфликт и дестабилизација и/или други кривични дела против државата? Истите прашања треба да му се постават и на „првиот вицепремиер“ како втор главен извор на информации за „дестабилизацијата“.

Второ, за министерот за внатрешни работи Тошковски, како дополнителен медиумски извор на „информации коишто се во насока кон дестабилизирање на државата“, кој е наполно свесен дека „јавноста треба да биде запознаена со сите факти коишто се од јавен интерес“:  а) Дали МВР има утврдено „факти“ и прибрано докази дека некои лица од ДУИ имаат „план за дестабилизација“, дека подготвуваат насилни протести чија крајна цел е дестабилизација на државата?; б) Кои мерки ги има преземено МВР против ДУИ откако премиерот соопшти дека ДУИ „претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“ и дека е загрозен „суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава“? в) Дали МВР презема конкретни мерки за одговорност против лидерот на ДУИ или против „прибегнувањето на ДУИ кон насилни методи и заканите со дестабилизација“, или против „високи функционери во поранешни влади“ кои се обидувале „да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија“?

Трето, новинарите дефинитивно треба да побараат одговор од Павле Трајанов како „Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам“, врз основа на што тврди дека „ќе има обиди за дестабилизиција на безбедносната состојба“ и какви мерки презема за спречување на „целта на ДУИ“ која, според него, е „да изврши дестабилизација на државата само за да се врати на власт“.

Четврто, новинарите се должни да побараат одговор и од Министерот за одбрана, какви мерки тој презема по ветувањето на премиерот дека ќе се преземат сите неопходни мерки за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, против ДУИ како „закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“?

Петто, новинар(к)ите треба да побараат одговор од Обвинителството, дали „по допрен глас“ (или по евентуална пријава од страна на премиер, министер или друго службено лице) покренале истрага за подготовка или за извршување на некои кривични дела против државата.

Само со добивање на конкретни одговори за овие прашања од јавен интерес од надлежните институции, новинар(к)ите можат да помогнат во расчистувањето на дилемата дали станува збор за сериозна закана за дестабилизација или пак за „дестабилизација“ (во наводници), односно, за обид за манипулирање на јавноста што поттикнува политичка, општествена и етничка поларизација.

Извор: ИМА.мк

 

 

 

Поврзани новости