(ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: ДУИ ја загрозува интеретничката слика и претставува закана по мирот и стабилноста!

Суштината е да се одбрани капиталот стекнат во овие 22 години на политичка сцена и 20 години власт. Но, не ја исклучувам можноста одредени групи и структури да бидат изманипулирани, несвесно. И сега тие групи и структури може да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет, да создадат криза. Ние имаме задача како влада тоа да го браниме и да се одбраниме, вели премиерот Христијан Мицкоски за „Фокус“.

by Фокус

Во двобројот на неделникот „Фокус“, кој излегува за 2 Август – Илинден, објавуваме интервју со премиерот Христијан Мицкоски, кој, меѓу другото, се осврнува и на иницијативата на ДУИ за озаконување на принципот „победник со победник“ и за територијална реорганизација на државата.

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: ДУИ бара модус принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем и истовремено разгледува концепт за територијална реорганизација според белгиски модел. Како гледате на овие иницијативи, кои подразбираат промена на уставното уредување и политичкиот систем?
МИЦКОСКИ: Со ова неодговорно однесување, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. И, ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава.

Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато во изминативе 20 години на власт. И тоа е факт, затоа што демократијата подразбира тој што има мнозинство во парламент да има и влада.

Ниту на Балканот, ниту на Европа ѝ е потребен уште еден конфликт. Состојбата со Косово гледаме како се развива, Босна и Херцеговина, да не зборувам за војната во Украина…

ФОКУС: Мислите ли дека оваа иницијатива има толкав потенцијал – да предизвика и конфликт?
МИЦКОСКИ: Па, видете, суштината е да се одбрани капиталот стекнат во овие 22 години на политичка сцена и 20 години власт. Но, не ја исклучувам можноста одредени групи и структури да бидат изманипулирани, несвесно. И сега тие групи и структури може да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет, да создадат криза. Ние имаме задача како влада тоа да го браниме и да се одбраниме.

ФОКУС: Неодамна рековте дека имате информации дека се подготвуваат улични сценарија, протести… Дали мислите на насилни протести?
МИЦКОСКИ: Сѐ уште ги имам тие информации. Јас говорам за протести. Сѐ додека се демократски и мирни, тие се легитимни. Ако преминат во насилни, тогаш, повторно ќе кажам, како влада имаме право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

ФОКУС: Што лично мислите за принципот или правилото „победник со победник“, бидејќи неговото непочитување во 2016/2017 година го остави и ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, иако предводеше победничка коалиција?
МИЦКОСКИ: Начинот на кој функционира демократијата, не оди заедно со „победник со победник“, зашто во политиката не може малку со едните, малку со другите. Ние имаме дијаметрално различни платформи.

Не може 7 години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може!

Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер и врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целокупниот процес.

ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ВЛЕН и ЗНАМ повеќе од 600 илјади.

Јасна е волјата на народот. Во таква нова политичка реалност, во име на парламентарната демократија, поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости