Аналитика: Надзор над УБК и поголема активност на народниот правобранител

by Фокус

Независната тинк-тенк организација Аналитика врз основа на истражувањата  и анализите спроведени во последните пет години дава препораки за добро владеење во безбедносниот и разузнавачкиот сектор и зголемување на надзорот и контролата, објавува Академик. 

По повод претстојниот реформски процес и врз основа на недостатоците идентификувани во извештајот на Прибе Аналитика ги изнесува следниве препораки:

Реформски процес

Развивањето на акциските планови и останатите документи поврзани со реформскиот процес треба да се одвива на транспарентен начин и со вклучување на сите засегнати страни, особено со вклучување на здруженијата на граѓанското општество кои можат да дадат свој придонес во консултативните постапки.

Во однос на реформите за добро владеење во секторот разузнавање, од особена важност е постоењето на систематизиран пристап за темелни реформи, наместо т.н. козметички промени. Механизмите за внатрешна контрола во службите треба да се зацврстат.

УБК и останатите разузнавачки служби треба да подготват план за поголема транспарентност и комуникација со јавноста. Годишните извештаи во скратена и некласифицирана верзија треба да бидат јавно објавени.

Собрание

Веднаш после враќањето на опозицијата во Собранието, треба да се докомплетираат и двете надзорни комисии – за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и за надзор над следењето на комуникациите. Истовремено, потребно е веднаш да се обезбеди соодветна експертска и техничка поддршка за пратениците за непречено спроведување на надзорот.

УБК и Агенцијата за разузнавање треба во најскоро време да ги поднесат извештаите за работа за 2014 год. и програмите за работа за 2015 год. Директорите на двете служби треба да бидат присутни на седниците на комисиите за да ги образложат документите и да одговараат на прашањата од пратениците.

Потребно е да се постигне договор за реализација на теренските посети, како и можноста да се бараат конкретни извештаи или информации во текот на годината, воспоставувајќи јасни процедури и рокови.

Со цел обезбедување континуитет во работата на комисиите и редовност на активностите, да се воведат квоти за минимален број на одржани седници, на пример најмалку еднаш месечно или квартално.

После изборите во април 2016 год., комисиите во новиот состав треба да остварат првични посети на сите институции кои се предмет на надзорот каде ќе добијат претстава за нивната работа, опремата која ја користат и важечката законска рамка. Реципрочно, раководителите на службите исто така треба да доаѓаат на седници на комисиите.

Потребно е да се обезбедат посебни средства за засилување на капацитетите на двете надзорни комисии, особено во врска со дополнителна експертиза.

Со оглед на тоа што најголем дел од седниците на двете надзорни комисии се случуваат зад затворени врати, треба да се воспостави механизам за известување на јавноста.

Други институции

Независните надзорни институции како што е Народниот правобранител и Државниот завод за ревизија треба поактивно да ги користат своите овластувања во однос на безбедносниот сектор и да ја подобрат соработката со Собранието. Доколку е потребно, нивните претставници да присуствуваат на седници на надзорните комисии.

Годишниот извештај на Јавниот обвинител содржи вредни информации за примената на посебните истражни мерки. И двете надзорни комисии треба да расправаат за ваквите извештаи, а Јавниот обвинител на РМ треба да присуствува на овие седници и да одговара на прашањата на пратениците. Статистичките податоци за употреба на посебни истражни мерки треба да бидат јавно достапни информации и редовно ажурирани.

Царинската управа и Управата за финансиска полиција треба да се доекипираат и да се стекнат со потребниот капацитет за следење на комуникации. Да се разгледа можноста за поднесување годишни извештаи за примена на ПИМ следење на комуникациите до соодветната надзорна комисија.

Поврзани новости