Аналитичари очекуваат сите да прогласат победа

by Фокус

Сите партии ќе прогласат победа, но она што е сигурно, нема да се повторат резултатите од претходните локални избори, прогнозираат дел од аналитичарите.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка очекува во 10 часот сите партии да прогласат победа, повикувајќи се на различни сегменти од исходот на локалните избори.

-Сите ќе прогласат победа, сите ќе освојат градоначалници. Добро ќе поминат независните листи, посебно тие што првпат учествуваат на избори. Левица очекувам подобро да помине од парламентарните избори – рече Кржаловски на ТВ 21.

Според него, реалноста повторно ќе биде дека најголемиот дел од колачот ќе го поделат четирите најголеми партии и коалиции.

-СДСМ најави дека ќе освои повеќе градоначалници. Скопје ќе се одлучува во втор круг меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе видиме каков ќе биде распоредот кај другите поголеми оштини. Дали ВМРО ќе земе поголеми општини, може да очекуваат 20-25 општини, ако не и повеќе – рече Кржаловски.

Поранешниот пратеник и актуелен универзитетски професор Александар Спасовски, пак, смета дека најдобар репер за одредување на победникот ќе бидат гласовите на советничките листи.

-Сигурно нема да се повтори ситуацијата од претходните локални избори, кога опозицијата освои само 5 градоначалници. Математички прецизно, најдбар параметар се советничките листи. Битен е град Скопје, поголемите општини, како и општините каде битка водат албанските партии – рече Спасеновски на ТВ 21.

Тој појасни дека излезноста на локални избори секогаш е поголема отколку на парламентарни или претседателски поради вклученоста на голем број лица како кандидати за градоначалници и советници.

-И покрај тоа, на овие избори има релативно пониска излезност, а причините за тоа ќе бидат предмет на анализа во нареден париод. Дали проблем е политичката понуда, или некоја општа атмосфера на апатичност или поврзано со пандемијата – рече Спасеновски.

Поврзани новости