На Тошта му се слоши откако обвинителот нe му го преквалификуваше делото за обид за убиство врз Села

by fokus

Денешното рочиште за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на 27 април 2017 е прекинато откако му се слоши на еден од обвинетите Александар Јаневски – Тошта, кој падна во судницата.

Обвинителот Дарко Јакимовски, на почетокот на расправата рече дека се утврдени нови елементи со изнесувањето на новите докази на претходното рочиште, и затоа се предлага измена на обвинителниот акт. Според изменетото обвинение, седум лица се товарат за обид на убиство на Села, двејца за насилство, а за едно лице Сашо Сенков обвинението се повлекува.

Обвинителството од новата снимка утврдило сосема поинаква слика за дејствијата на Сенков во однос на Села. Нема други докази дека тој презел какви било дејствија против пратениците. Неговото однесување на снимката покажало дека тој презел заштитничко дејствување кон оштетениот Села.

Надлежниот обвинител оцени и дека за двајца од обвинетите, Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски, состојбата исто така е променета и во нивните дејствија не се содржани елементите на кривичното дело поради што е доставена измена на обвинението за овие лица, и тие ќе се гонат за насилство, а не за обид за убиство.

Постапката против останатите обвинети Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов, продолжува без измени во обвинителниот акт и тие се товарат за обид за убиство.

Судечкиот совет веднаш донесе одлука да се запре постапката против Сашко Сенков.

На измените во обвинителниот акт реагираше Јаневски – Тошта, кој стана и праша зошто и кој го мести за убиство. По предупредувањето од судијата да се смири, на Јаневски му се слоши и падна во судницата, а рочиштето беше прекинато.

Поврзани новости