Агенцијата за млади и спорт ќе формира комисија за утврдување одговорност на членовите за стручната комисија која беше ангажирана за селекција и избор на најдоби авторски дела како дел од конкурсот за проектот „Млади поети“, како и поведување дисциплинска одговорност на раководителот на Секторот млади.
Директорот на АМС, Дарко Каевски изјави дека утврдиле несовесно, нестручно, непрофесионално работење на дел од чинителите кои имале активна улога околу конкурсот за издавање на публикацијата „Млади поети“, во која имаше две песни со недолична содржина и предизвикаа големи реакции во јавноста.
Според Каевски, тричлената комисија составена од Јовица Иванов, Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчоски била обврзана да изврши селекција на творбите стручно и непрострасно. Тие, како што вели директорот на Агенцијата, требало да ги селектираат и разгледаат сите песни, а не само да ги изберат трите најдобри.
Каевски чувствува морална, но не и друг вид одговорност за објавување на збирката со двете недолични песни. Тој вели дека во случајот има видливи прекршувања на законските одредби од Законот за издавачка дејност и нагласи дека не дал никаква согласност да биде уредник.
Инаку, Даниел Пиљаковски, чие име е наведено како автор на двете песни со недолична содржина веќе поднесе пријава за 41-годишниот Александар Блажевски, кој призна дека песните се негово дело.