Мијалков излегува од затворот „Скопје“, оди во домашен притвор

by fokus

Мијалков набрзо ќе излезе од истражниот затвор „Скопје“ и ќе оди во домашен притвор. Ова следува по денешната одлука на Апелацискиот суд, кој реши да ја прифати жалбата на Мијалков и да му ја укине мерката притвор.

-По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема  обвинетиот С. М. определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година, а најдолго 60 дена сметано од 08.03.2019 година, пишува во соопштението на Апелација.

Мијалков пред судиите во Апелација повтори дека веќе дал збор дека нема да бега и дека на тој збор и денес стои, додека пак обвинителката Фатиме Фетаи побара тој и понатаму да остане во притвор.

Мијалков заврши зад решетки откако со првостепена одлука за „Титаник 2“ беше осуден на три години затвор. На казна затвор беше осуден и Мендух Тачи, кој доби три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, а Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.

Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.

В.В.

Поврзани новости