Амфитеатарот Скупи треба да биде пуштен во употреба за 2,5 до 3 години Инвестицијата вредна седум милиони евра е дел од предвидените „40 нови проекти за младите луѓе во Македонија“, ќе има 9.000 седишта и ќе се користи за различни манифестации, концерти, музички и театарски настани, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по пуштањето на Центарот за физикална и хидро терапија во ГОБ „8-ми Септември“.
„Македонија нема таков голем амфитеатар на отворено како што е овој, има еден голем во Охрид кој собира 3.000 до 3.500 гледачи, но овој во Скопје ќе биде најголем. Инвестицијата ќе чини седум милиони евра, работите веќе почнаа да се изведуваат од пред една недела. Се завршија сите подготвителни работи и тендерските процедури, се избра и изведувач на електронска аукција кој ги почна работите“, рече Груевски.