Американските „црни листи“ запечатија политички кариери, но не ги намалија бизнис-апетитите на „корумпираните актери“!

Врз основа на проверките што ги извршивме, може да се констатира дека досегашното обележување од страна на Вашингтон дефинитивно има влијание врз политичките кариери и аспирации, но тоа не ги намалува бизнис интересите и апетити на означените лица, кои секогаш наоѓаат начин да го зачуваат бизнисот, па дури и да го надградат и прошират.

by vlatko 09:07
09:07

Текстот е објавен на 11 септември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.562.

Програмите за санкции на САД се насочени кон корумпирани актери и ги разбиваат криминалните мрежи што ги загрозуваат интересите на САД, вклучувајќи ја регионалната стабилност и безбедност, велат за „Фокус“ од амбасадата на САД, порачувајќи дека исклучително сериозно ги сфаќаат „напорите за поткопување или заобиколување на санкциите“. Инаку, повеќе институции имаат свои листи што содржат различни казни, така што македонски државјани и субјекти се негативно означени од страна на Стејт департментот и Министерството за финансии на САД. На т.н. црни листи на овие органи успеавме да утврдиме 38 македонски државјани, 6 компании поврзани со дел од нив, како и една паравоена организација. Врз основа на проверките што ги извршивме, може да се констатира дека досегашното обележување од страна на Вашингтон дефинитивно има влијание врз политичките кариери и аспирации, но тоа не ги намалува бизнис интересите и апетити на означените лица, кои секогаш наоѓаат начин да го зачуваат бизнисот, па дури и да го надградат и прошират.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во изминатите години, многумина домашни политичари и бизнисмени (некои и едното и другото) се најдоа на „црна листа“ на САД, која одлучи да ги означи овие „моќници“ како закана за владеењето на правото, демократските вредности, па и стабилноста на државата и регионот.

Па така, американските „црни листи“ неодамна се проширија со поранешниот македонски премиер Никола Груевски, неговиот братучед Сашо Мијалков, како и двајца бизнисмени кои своевремено важеа за блиски до нив и нивната владејачка гарнитура – Јордан Камчев и Сергеј Самсоненко.

Потоа, на овие списоци се најдоа и поранешните вицепремиери Кочо Анѓушев и Артан Груби, со тоа што во пакет со вториот беше ставен и апелацискиот судија Енвер Беџети. Исто така, „поцрнеа“ и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, веќе подзаборавената специјална јавна обвинителка Катица Јанева

Долго време пред да биде означена од страна на САД, Катица Јанева отслужуваше затворска казна за случајот „Рекет“.

Што се случува со нив во меѓувреме? Дали тие имаа одредени последици откако осамнаа на „црна листа“ на најголемата светска сила САД, која воедно е и стратешки партнер на Македонија? Односно, дали и како тоа се одрази врз нивните политички кариери и деловни активности?

Ако треба да се даде генерален одговор, тогаш може да се каже дека ваквото означување запечати одредени политички кариери. Сепак, мора да се има во предвид дека многумина од „поцрнетите“ политичари и функционери веќе беа во одредена политичка пензија или пак на самиот залез на политичката кариера или функционерски мандат.

Што се однесува до опфатените бизнисмени, пак, дел од нив непречено продолжија да функционираат, па дури и да го шират својот бизнис. Други, пак, почнаа да се откажуваат од сопственички удели во свои компании, веројатно со цел да ги избегнат негативните ефекти од означувањето од страна на САД.

КОЈ ИЗРЕКУВА САНКЦИИ И ОГРАНИЧУВАЊА?

На почеток, треба да разграничиме дека нема една и единствена „црна листа“ на САД, туку има неколку такви списоци со имиња на лица и називи на компании и организации, кои претставуваат означување од страна на разни институции и органи што дејствуваат во различни сфери и имаат различни надлежности. Тогаш, колку и какви „црни листи“ постојат?

За да дадеме детално објаснување, се обративме до Амбасадата на САД во земјава, од каде што ни одговорија дека „програмите за санкции на САД се насочени кон корумпирани актери и ги разбиваат криминалните мрежи што ги загрозуваат интересите на САД, вклучувајќи ја регионалната стабилност и безбедност“.

Ние сериозно ги сфаќаме напорите за поткопување или заобиколување на санкциите на САД. Претходните ознаки покажаа дека со кого работите може да влијае на вас и вашето семејство. Различни институции имаат свои листи што содржат различни ознаки и казни за именуваните лица“, ни одговорија од Амбасадата на САД.

Околу 40 македонски државјани се ставени на „црнa листa“ на Стејт департментот и Министерството за финансии на САД, кои изрекуваат различни санкции за лица означени како „корумпирани актери“ и како закана за демократијата и безбедноста.

Во однос на тоа кој ги изрекува ознаките и санкциите, од таму ги посочуваат Канцеларијата за контрола на странски средства или OFAC при Министерството за финансии, потоа Стејт департментот под чие овластување е вклучена ознаката за одбивање на влез 7031(c), како и властите на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија.

„Важно е да се напомене дека некои ознаки дозволуваат јавно именување на поединци, но други не“, ни посочија од Амбасадата, упатувајќи не на повеќе адреси каде може да најдеме информации за различните одлучувачки фактори и овластувања со кои Владата на САД ги смета корумпираните актери за одговорни“.

Се работи на линкови од посочените органи на САД, кои изготвуваат т.н. црни листи. Од проверките што ги извршивме произлегува дека таму со години стојат лица кои своевремено беа означени како закана за стабилноста на државата и пошироко. Но, во последните години тие се прошируваат со субјекти за кои има „веродостојни информации“ дека се вмешани во коруптивни активности и дека се закана за демократските вредности.

МЕРКА ЗА ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО САД

Инаку, Македонците се наоѓаат на 2 „црни листи“, при што најголем дел се на листата со поблаги санкции и имаат забрана за влез во САД. Другата листа, пак, е поригорозна и на неа се додаваат лица и фирми, кои се закана, не само по стабилноста и правосудниот систем, туку имаат дестабилизирачко влијание и надвор од државата.

Во таа насока, еден од органите што составува „црни листи“ е американскиот Стејт департмент, чија мисија е да ги штити и промовира безбедноста и демократските вредности на САД. На чело на оваа институција е државниот секретар на САД, или во случајов Марко Рубио, кој, всушност, има улога на советник за надворешни работи и меѓународна политика на претседателот Доналд Трамп.

Притоа, круцијален е Член 7031 (c) од Актот за Стејт департмент, надворешни операции и сродни програми, врз основа на кој Конгресот предвидува дека службениците на странски влади и членовите на нивните најблиски семејства немаат право на влез во САД, кога државниот секретар „има веродостојни информации дека странскиот службеник бил вмешан, директно или индиректно, во значителна корупција и/или грубо кршење на човековите права“.

Во пресрет на ланските двојни избори, на „црна листа“ се најде и Јакимовски, кој на овие избори се натпреварува за уште градоначалнички мандат.

На официјалната страна на Стејт департментот, во чии рамки функционира и Бирото за меѓународни работи за наркотици и спроведување на законот, кое има задача да работи на безбедноста на Американците преку борба против криминалот, нелегалната трговија дроги и нестабилноста во странство, може да се најдат извештаи до Конгресот за антиклептократијата и ограничувањата за визи за човекови права за 2 последователни години (2022 и 2023), каде се заведени и македонски државјани.

Конкретно, на листата за фискалната 2022 година се сретнуваат поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и неговата сопруга Боркица Груевска. Воедно, на овој список се наоѓа и неговиот прв братучед кој раководеше со тајната полиција, Сашо Мијалков, заедно со неговата сопруга Александра Мијалкова, како и нивните 2 деца – Јордан Мијалков и Александар Мијалков.

Понатаму, во извештајот за следната 2023 година може да се сретнат актуелниот струшки градоначалник од ДУИ Рамиз Мерко, заедно со членовите на неговото семејство – Шпреса Мерко, Генц Мерко, Назмије Мерко Забзун и Дренуше Мерко. Покрај нив, на оваа листа се наоѓа и бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Ангушев, заедно со членовите од неговото најтесно семејство – Елизабета Анѓушева, Ангел Анѓушев и Огнен Анѓушев.

ЗНАЧИТЕЛНА КОРУПЦИЈА И БЛОКИРАНИ СРЕДСТВА

Во останатите извештаи за периодот пред 2022-2023 година нема означено македонски државјани, но такви може да се пронајдат во документи за минатата 2024 година, кога на „црна листа“ на Стејт департментот осамнаа уште неколку домашни, сегашни или поранешни, функционери. Во првата половина на ланската година, „поцрне“ градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски, во пакет со неговите деца Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски.

Истовремено, оваа американска „црна листа“ се прошири со Катица Јанева, шефица на некогашното специјално јавно обвинителство, кое беше компромитирано со аферата „Рекет“, во чии рамки беа осудени таа и Бојан Јовановски за изнуда на бизнисменот Јордан Камчев. Набргу потоа, СЈО згасна, предметите ги преземаа регуларните обвинителства, а Јанева замина во затвор и се уште ја отслужува казната. Заедно со неа, забрана за влез во САД доби и нејзиниот син Лазар Јанев.

Кон крајот на ланската година, пак, на истата „црна листа“ се најде и поранешниот вицепремиер од ДУИ Артан Груби, заедно со неговата сопруга Албина Груби и нивната ќерка Хера Груби. Во пакет со Груби, „поцрне“ и апелацискиот судија Енвер Беџети поради вмешаност во „значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков“.

Артан Груби до неодамна беше крупна политичка фигура, но неговата политичка кариера згасна по одлуката на Вашингтон да го прогласи за „значително корумпиран“.

Севкупно, тоа се 24 македонски државјани во друштво на лица од Русија, Иран, Панама, Сирија, Парагвај, Грузија, Колумбија, Авганистан, Шри Ланка, Гватемала, Мали, Конго, Судан, Србија, Бугарија, БиХ, Косово и многу други земји, кои добиле забрана за влез во САД од 2022 до 2024 година, поради означување од страна на Стејт департментот, односно од Бирото за меѓународни работи за наркотици и спроведување на законот, во рамки на борбата против корупцијата на глобално ниво.

Меѓутоа, уште поголем е бројот на „поцрнети“ Македонци кога ќе се земе во предвид и означувањето од друга американска служба. Станува збор за Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, која спроведува економски и трговски санкции врз основа на целите на надворешната политика и националната безбедност на САД против странски земји и режими, терористи, меѓународни трговци со наркотици и со оружје за масовно уништување, како и други закани за националната безбедност.

При увид во базата на OFAC, може да се сретнат дузина специјално назначени државјани (SDN) во категоријата Балканс (според егзекутивни наредби 13219 и 13304 од 2001 и 2003 година од времето на претседателот Џорџ Буш), чии средства се блокирани, а на лицата од САД генерално им е забрането да работат со нив, од причина што се вклучени или помагаат, спонзорираат или поддржуваат екстремистичко насилство и го загрозуваат мирот или ја намалуваат безбедноста и стабилноста во Западен Балкан.

ДЕСТАБИЛИЗИРАЧКА СИТУАЦИЈА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Меѓу нив има и државјани од Македонија и субјекти поврзани со државава. Еден од нив е поранешниот пратеник на ДУИ Џевад Адеми, кој сега делува како член на Централното претседателство на партијата предводена од Али Ахмети. Исто така, долги години на оваа листа е и Гафур Адили, кој беше еден од водачите на паравоената АНА (Албанска национална армија), која исто така е ставенa на „црна листа“ како терористичка организација.

Освен нив, има и други Албанци од Македонија, означени како закана за стабилноста: Нури Беџети, универзитетски професор и поранешен член на ОНА; Невзат Халили, прв претседател на ПДП и самопрогласен претседател на Илирида; Џавид Асани, поранешен член на ОВК и на ОНА; Кастриот Хаџиреџа, доктор, професор и поранешен пратеник; Даут Реџепи, поранешен пратеник и командант на ОНА; Џезаир Шаќири, поранешен командант на ОНА, екс пратеник и несуден советник на Зоран Заев

Патем, вреди да се истакне дека на оваа „црна листа“ со специјално назначени државјани (SDN) има две некогаш важни политички фигури. Едниот од нив е актуелниот пратеник Мендух Тачи, лидер на ДПА, која полека но сигурно се движи кон целосно изчезнување од политичката сцена. И, другиот е поранешниот шеф на полицијата Љубе Бошкоски, чија партија Обединети за Македонија е дел од владејачката коалиција, но повеќе како декор, без никаква тежина.

Рускиот бизнисмен Самсоненко заврши на „црна листа“ поради поврзаност со Камчеви.

Но, Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) ставила на „црна листа“ и други македонски физички и правни лица, кои спаѓаат во друга категорија, чиј целосен назив е Балканс ЕО 14033, што впрочем реферира на егзекутивната наредба 14033 од 2021 година, кога претседател е Џо Бајден, а таа подразбира блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизирачката ситуација во Западен Балкан.

Доколку се поглегне оваа листа произлегува дека на неа се наоаѓаат веќе споменатите братучеди Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои ги наведовме како дел од „црна листа“ на Стејт департментот. Она што е интересно, ова означување на OFAC ја опфаќа и унгарската компанија на Груевски „И.Ц.И.Ц. КФТ“, но не опфаќа ниту една фирма на семејството Мијалкови. Како што пишуваше „Фокус“, нивната „Бест Веј Инвестмент“ е содружник во друштво што почна да гради хотел покрај Охридско езеро, откако беа менувани закони и склучени анекси за да спаси градежната дозвола, а истовремено атрактивен хотел во центарот на Скопје гради и Сергеј Самсоненко, кој успеа да се извлече од стечајна постапка.

Нејсе, на списокот на OFAC со назив Балканс ЕО 14033 уште се наоѓаат бизнисменот Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Куноска-Камчева, како и рускиот бизнисмен кој десетина години работи во земјава Сергеј Самсоненко, заедно со сопругата Ирина Самсоненко. Дополнително, на оваа „црна листа“ се наоѓаат и нивните компании „Орка Холдинг“, „Орка Фајнанс“, „Камчев Консалтинг“, „Систина Лајф Кеар“ и „Бет Сити Интернационал“.

БЕГСТВО ВО СТРАНСТВО ИЛИ БОРБА ДОМА?

Во овој дел, вреди да се истакне и фактот дека Законот за одговорност на Магнитски за човекови права, донесен во 2016 година, го овластува претседателот на САД да воведува економски санкции и да им забранува влез на странски лица или субјекти идентификувани како вмешани во кршење на човековите права или корупција. Во 2017 година, извршната власт го спроведе овој закон преку извршната наредба ЕО 13818, проширувајќи го опсегот на санкционирани цели и вклучувајќи пошироки мрежи на поединци и субјекти.

Врз основа на тоа, од крајот на 2021 година вкупно 148 лица и 189 субјекти се предмет на економски санкции. Иако и овој закон дозволува економски санкции, односно блокирање на средства и забрани за трансакции, замрзнување на имот што се наоѓа во јурисдикција на САД, забрана за американски поединци или субјекти да влегуваат во трансакции со назначеното лице, како и визни ограничувања, тој не бил применет врз македонски државјани.

Оттука, македонски државјани и субјекти се негативно означени од страна на Стејт департментот и Министерството за финансии, односно од Бирото за меѓународни работи за наркотици и спроведување на законот и Канцеларијата за контрола на странски средства. На т.н. црни листи на овие органи на САД, колку што успеавме да утврдиме и преброиме, има 38 македонски државјани, 6 компании поврзани со дел од нив, како и една паравоена организација. Што се случува со нив во меѓувреме?

Никола Груевски веќе беше во Унгарија кога се најде на 2 „црни листи“ на САД, но тоа дефинитивно ги запечати негови амбиции за камбек на политичката сцена во земјава.

Да почнеме од Никола Груевски… Како што е познато, кога излезе на две „црни листи“ на САД, тој веќе беше заминат во Будимпешта, каде доби политички азил. Оттогаш, тој често ги коментира политичките текови во земјава преку Фејсбук. Во пресрет на ланските двојни избори, според ексклузивните детали што ги објави „Фокус“, тогашната власт на СДСМ и ДУИ се обиде да го врати Груевски со цел да го подели гласачкото тело на десницата, за што се одржала и средба во претседателската вила на Водно. Сепак, се покажа дека измените на Кривичниот законик беа недоволни, а обидот овој процес да се закружи преку Врховниот суд едноставно пропадна.

Доколку успееше планот за камбек на Груевски, тоа можеби ќе беше последата шанса тој на голема врата да се врати во домашната политика. Со оглед дека тоа не се случи и на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, кој предизборно го обвини Груевски за шурување со политичките противници, се чини дека неговата политичка кариера веќе е запечатена. Односно, веќе не може да биде крупен политички фактор, туку само маргиналец од типот на веќе споменатите Тачи и Бошковски, или, пак, како неговиот претходник Љубчо Георгиевски, кој исто така едно време имаше забрана за влез во САД.

Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија преку кои го користеше своето политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито за возврат на владини договори, незаконски присвоени јавни средства и мешање во изборните процеси за политичка полза за себе и за неговата партија“, наведе Стејт департментот.

ПОЛИТИЧКА ПЕНЗИЈА И КРАЈ НА КАРИЕРАТА

По неговите стапки тргна и поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој ја напушти земјава во време кога против него се кроеше предметот за финансиски злоупотреби поврзани со Државна лотарија. Првично, тој порача дека не бега, туку дека оди во приватна посета. Иако најави дека веднаш штом ги заврши обврските ќе се врати дома, сепак, помина повеќе од половина година и се уште е недостапен за органите на прогонот. Неофицијалните информации што ги објавивме говорат дека тој се наоѓа во Албанија, во околината на Драч.

Во врска со него, од Стејт департментот соопштија дека Груби, заедно со судијата Енвер Беџети, се означени поради вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткуп во судските процеси поврзани со Сашо Мијалков, кој исто така се наоѓа на оваа листа. Нема дилеми дека ова образолжение се однесува на судскиот процес „Таргет-Тврдина“ за масовното незаконско прислушување, кој никогаш не го доживеа своето финале, бидејќи делото застаре врз основа на скандалозните измени на КЗ, откако Беџети со месеци го држеше предметот во фиока.

Поради напорите на Груби и Беџети да се мешаат и да го нарушат функционирањето на судството, тие и нивните непосредни членови на семејствата добиваат забрана за влез во САД. Тие што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот, треба да разберат дека корупцијата носи последици – изјави амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, која нагласи дека САД имаат цврсти докази за нивна вмешаност во корупција.

По појавувањето на „црна листа“ на САД, Мерко почна да се влече низ судски лавиринти, а наскоро ќе остане и без градоначалничката функција.

Практично, оваа одлука на САД политички го пензионираше Груби засекогаш, дотолку повеќе што и од неговата ДУИ соопштија дека ја почитуваат одлуката на Стејт департментот. Слична судбина доживеа и судијата Беџети, кој беше разрешен од функцијата од страна на Судскиот совет неколку месеци откако осамна на „црна листа“. Паралелно со тоа, постапка против него за потенцијални коруптивни дејства води и Јавното обвинителство, од што ќе зависи дали тој ќе остане само без судиска кариера или ќе одговара и кривично.

За разлика од нив, некои македонски државјани се уште имаат делумно живи политички кариери, но тоа само е затоа што се уште траат нивните мандати како избрани функционери. Еден од нив е градоначалникот на Струга во неколку мандати Рамиз Мерко, кој ги брои последните денови на оваа функција, додека се влече и низ судските лавиринти. По се изгледа, ДУИ конечно најде елегантен начин да се ослободи од него, откако оваа општина му припадна на крилото на Зијадин Села при поделбата на колачот во рамки на новоформираниот Национален фронт за интеграција.

Другиот е долгогодишниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, кој исто така се чини дека ги привршува последните денови на оваа функција. Независно што има солиден рејтинг на локално ниво, исклучително тешко ќе му биде повторно да победи против кандидатите на двете најголеми партии. Тој би имал реални шанси против ВМРО-ДПМНЕ доколку СДСМ одлучеше да го поддржи, меѓутоа Венко Филипче исфрли свој кандидатот, меѓу другото и со објаснување дека не можат да поддржат човек од „црна листа“.

НЕЗАКОНСКА ПРЕПРОДАЖБА НА АТРАКТИВЕН ИМОТ

Спротивно на Никола Груевски и Артан Груби, кои побегнаа од земјава, Сашо Мијалков одлучи да се бори дома и слободно може да се каже дека се избори со ситуацијата. И покрај тоа што му се закануваше долгогодишна робија поради тешките дела за кои беа обвинет, на крајот помина краток период во притвор и затвор (околу 2 години), откако призна вина за даночно затајување и перење пари во предметот „Империја“. Згора на тоа, доби само условна казна за случајот „Плацови на Водно“, додека мегапредметот со масовното прислушување застаре.

Во образложението на Стејт департменот за Мијалков, покрај другото, се наведува дека тој во службеното својство на директор на УБК бил инволвиран во коруптивни дела, меѓу кои и користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Во него се додава и оти постојат веродостојни докази дека го злоупотребил овластувањето на функцијата за да бара поткуп за возврат да се склучат владини договори, како и дека се мешал во изборните процеси во своја и политичка корист на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

На речиси идентитен начин се „извлече“ и бизнисменот Јордан Камчев, кој, исто така, призна вина во „Империја“, па помина со симболична затворска казна од нецели 2 години, со тоа што вреди да се напомене дека уплати 5 милиони евра во државниот буџет. Освен што се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во овој случај, тој беше осуден во судскиот процес „Плацеви на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште.

На „црна листа“ се најде и Сашо Мијалков со членовите на неговото семејство, но не беа опфатени нивните компании, од кои една е поврзана со изградба на хотел покрај Охридското езеро.

Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното обвинителство беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и другите, тврдејќи дека му изнудувале пари. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во соопштението на Министерството за финансии на САД, од каде што сметаат дека тој го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем во негова корист.

Набргу потоа, на „црна листа“ на САД заврши и неговата мајка Ратка Куноска-Камчева и неговиот бизнис-партнер Сергеј Самсоненко со сопругата Ирина Самсоненко. Заеднички именител на сите нив беше случајот „Плацови на Водно“, кој се однесуваше на перење пари со препорадажба на имоти. Во шемата на купопродажба на атрактивното земјиште на Водно, кое беше предмет во овој судски процес, беше и брачната двојка Самосоненко, која помеѓу 2017 и 2018 година го купува имотот од Камчев.

Во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина. Во истиот рок, Ирина префрлила пари на Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс, двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски период, парите што им беа префрлени на Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс беа искористени за плаќање на заем поврзан со Орка Холдинг, компанија поврзана со Јордан Камчев“, пишува во соопштението од американското Министерство за финансии, каде се додава дека брачните другари Самсоненко дополнително од Камчеви ја купиле и фирмата „Систина лајф кеар“.

РЕАЛНА ИЛИ ФИКТИВНА ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНОСТА?

Токму затоа, на „црна листа“ на САД се најдоа и компаниите поврзани со семејството Камчеви. Поточно, централната компанија во нивната бизнис империја е „Орка Холдинг АД“, акционерско друштво кое, според информациите доставени и објавени од Македонска берза, го поседуваат преку 2 компании. Тоа се „Орка фајнанс“ (33 проценти) и „Камчев консалтинг“ (76 проценти), чиј формален сопственик моментално е Ратка Куноска-Камчева, мајка на Јордан Камчев.

Од податоците од надлежните институции се забележува дека „Орка“ на Камчеви отстапува од одредени компании откако се најдоа на „црна листа“ на САД. За еден таков случај пишувавме пред 2 недели, кога обелоденивме дека Камчеви излегле од сопственичката структура на хотел „Ибис“. Индикативно беше тоа што новиот газда беше агент за недвижности во Дубаи, а новиот управил порано бил дел од фирма на Камчеви („Архи-Панорама Резиденс“), поради што го поставивме прашањето дали купопродажната зделка е реална или само формална?

Во тој контекст, мора да се има на ум и да се каже дека како последица на означувањето од страна на САД, целиот имот и интереси на Камчеви во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани или замрзнати. Плус, се забрануваат и сите трансакции на лица од САД со овие лица или нивни имот и интереси, а се забрануваат и сите трансакции од други лица кои би можеле да ги таргетираат.

Откако на листата со санкции на САД осамнаа Камчеви, „Орка Холдинг“ излезе од сопственичката структура на хотел „Ибис“, но одредени индикатори го отвораат прашањето дали промената е реална или формална?

Доколку овие забрани и ограничувања предизвикуваа одредени бизнисмени да прават гимнастики преку кои ја затскриваат вистинската сопственост, со цел да ги заобиколат санкциите на САД и да продолжат непречено да работат, други тоа не го прават. Напротив, тие дополнително го шират бизнисот и по негативното означување од најголемата светска сила, без да користат никакви фиктивни сопственици како параван.

Во таа смисла, на „црна листа“ беше ставен и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Тој беше прогласен како генерално неподобен за влез во САД поради вмешаност во „значително висока корупција“. Иако Стејт департментот тврди дека Анѓушев додека ја извршувал функцијата ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на македонската јавност во владините институции и јавните процеси, сепак, тој најави обжалување на ваквата одлука.

Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, САД, за борба против корупцијата – рече тој.

НАДГРАДЕНИ И ПРОШИРЕНИ БИЗНИС-ИНТЕРЕСИ

Откога се најде на „црна листа“, компаниите што Анѓушев целосно или делумно ги поседува продолжија да функционираат на пазарот, па дури Анѓушеви формираа и нова фирма преку која влегуваат во градежниот сектор. Пред околу 2 месеци (јули 2025 година) е основана градежната компанија „Кран Недвижности“, која е во сопственост на две други правни лица. Според Централниот регистар, еден од содружниците е „Централ Инвест“ на Кочо Анѓушев, Елизабета Анѓушева, Огнен Анѓушев и Ангел Анѓушев – сите означени од САД.

Веднаш по „поцрнувањето“ на низа македонски државјани, поранешната влада на СДСМ и ДУИ, додека премиер беше Димитар Ковачевски, достави измени на Законот за рестриктивни мерки, со цел воведување дополнителни инструменти против лицата ставени на „црна листа“ од страна на САД и Велика Британија. Сепак, Собранието никогаш не ги усвои овие законски измени, односно тоа не го стори до изборите. Оттогаш до денес, нема најави дека ова прашање ќе се реафирмира.

Од Собранието побаравме, но не добивме официјален одговор на прашањето колку и кои собраниски фази минал овој владин предлог. Меѓутоа, на собранискиот сајт може да се види дека на средината на ланската година пристигнал предлог од Министерството за надворешни работи, тогаш на чело со Бујар Османи, за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, со кои се проширува опфатот во насока на проширување на основите за воведување, изменување или престанување на рестриктивните мерки.

Веднаш штом беше ставен на „црна листа“, Кочо Анѓушев најави жалба кон одлуката на надлежниот американски орган, а списокот на семејни фирми неодамна е збогатен со градежна компанија.

„Се проширува и листата на акти врз основа на која се воведуваат, изменуваат или престануваат рестриктивните мерки со додавање на правни акти на Велика Британија и на САД, имајќи го предвид  Договорот за стратешки дијалог меѓу двете земји (МК-САД), со кој практично се означува поддршка на САД за безбедноста и просперитетот на земјата во рамки на регионалните иницијативи и за политиките кои водат кон промоција на мирот и безбедноста во Европа, како и потребата од ефективно спроведување на рестриктивните мерки во однос на црната листа на санкции на САД, со која се посочуваат актери за дестабилизирачко и коруптивно однесување “, стои во образложението на Предлог-законот.

Арно ама, овој законски предлог, чија прокламирана цел е „подобрување, односно зголемување на ефикасноста на веќе постојниот Закон за рестриктивни мерки од 2017 година, никогаш не бил усвоен, т.е. тој заглавил на прво читање. Поради тоа, упативме прашање и до актуелното раководство на МНР на чело со министерот Тимчо Муцунски дали планираат наскоро да го предложат ова или слично законско решение? Меѓутоа, не добивме одговор.

Во исчекување на одлуката на американската администрација дали, т.е. кои други лица од земјава што ќе осамнат на „црна листа“, а одредени најави говорат дека таа може да се прошири со нови имиња во очи на локалните избори, може да се констатира дека досегашното обележување од страна на Вашингтон дефинитивно има влијание врз политичките кариери и аспирации. Но, тоа не ги намалува бизнис-апетитите на означените бизнисмени, кои секогаш наоѓаат начин да го зачуваат бизнисот, па дури и да го надградат.

Слични вести