Американскиот генерал на нашите граници

by Фокус

Мисијата УНПРЕДЕП беше првата мисија од таков карактер на светската организација и, засега, единствена. Мисија на која се горди сите во ОН и која ѝ „купи“ време на младата македонска држава да го отпочне процесот на создавање своја војска што ќе се грижи за безбедноста на границите на новата држава

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Ме повика командантот и ми рече да ги подготвам моите војници за мировна мисија во Македонија, раскажува генерал Џон Багот, на дебатата по повод 30 години членство на нашата држава во ОН. Морав да погледнам на карта за да видам каде точно се наоѓа оваа земја, вели тој.

Уште повеќе се изненадив кога командантот ми рече дека ќе носиме капи на ОН и ќе бидеме под команда на генерал од нордиските држави. Тоа никогаш порано не се случило во историјата на нашата армија.

Какво оружје ќе носиме? Следеше уште едно изненадување: нема да користите оружје, само стапови, бил одговорот.

Така, со воспоставување посматрачници на македонско-албанската граница, почна мојот ангажман во рамките на мировната мисија на ОН под името УНПРЕДЕП, вели генералот, некогаш младиот офицер Багот.

КАДЕ Е КЛУЧОТ ОД МАГАЦИНОТ?

Од денот кога дојдовме во Македонија почна и дружењето со селаните од околните села и со монасите од блискиот манастир. Со време нивните празници станаа наши празници, а нашите нивни. Кога дојде време да се разделиме, сите дојдоа да нѐ испратат и можам да ви кажам: немаше око што не беше насолзено.

Мисијата УНПРЕДЕП, скратено за превентивна мировна мисија на ОН, беше првата мисија од таков карактер на светската организација и, засега, единствена.

Мисија на која се горди сите во ОН и која ѝ „купи“ време на младата македонска држава да го отпочне процесот на создавање своја војска, која ќе се грижи за безбедноста на границите на новата држава.

Додека американскиот генерал привршуваше со своето кажување, се присетив на тие времиња од пред триесет години. Условот да се повлече ЈНА беше наше тотално разоружување. ЈНА и Милошевиќ го зедоа сето оружје со себе.

Ми се јави еден флешбек од седница на владата: какво оружје имаме на располагање, праша премиерот во некои вечерни часови на 1992 година.

Министерот за одбрана рече дека имаме само пушки од територијалната одбрана во некаков магацин. Каде е клучот од магацинот, праша некој. Никој не знаеше да каже. Горко се насмеавме.

Деновиве, во ОН ми се укажа можност да кажам нешто за што не се знае, во ОН и во Македонија, во врска со мировната мисија на ОН од почетокот на нашата независност. То сет тхе рецорд страигхт, би рекле Американците.

Не се знае дека идејата за трупи на ОН на границите на нашата држава не се роди во Њујорк, туку во Скопје, во кабинетот на претседателот на републиката Киро Глигоров.

Во разговор со претседателот дојдовме до заклучок дека заради безбедноста на државата треба да бараме трупи на ОН распоредени на нашите небранети граници. А мислењето на парламентот, на владата, ќе прашате денес?

ЗАЕДНО ЌЕ ВИКАМЕ „ПОМОШ“!

Немаше време за дебати, кои можеа и да ја искомпромитираат идејата. Сигурната рака на Глигоров на кормилото на државата и потребата од водство велеше дека за тоа ќе зборуваме откога ќе ја испитаме можноста ОН да направи таков преседан за нас.

Набргу заминав за Њујорк на средба со посредниците во војните во Југославија, поранешните министри за надворешни работи на Америка и на Британија, Сајрус Венс и Дејвид Овен. Во канцеларија на ОН им ја изложив идејата, која ги изненади.

Имено, ОН интервенира само таму каде што има конфликт, а тоа не беше случај со нас. Ние бевме „оазата на мирот“. И под претпоставка ОН да распореди војници на границите на вашата држава, не можеме, немаме мандат да ве браниме во случај на напад од странска земја, објаснуваа Венс и Овен.

Значи, која би било смислата од еден таков потфат? Во недостиг од подобар одговор, реков дека тогаш ќе викаме заедно „ХЕЛП“ („ПОМОШ“), а заедно ќе бидеме погласни.

Се разделивме со смеење, горчливо како пелин, а тие ја зедоа на себе задачата да го проследат нашето барање до генералниот секретар (или подобро кажано до големите западни сили) и да ме информираат за реакцијата. Добивме позитивен одговор.

Дури тогаш нашиот министер за одбрана ја обзнани идејата пред парламентот и упативме официјален повик до ОН да испрати мировни трупи на нашите граници. Тивкото лидерство на Глигоров роди плод.

Ова го реков на панелот веднаш по кажувањето на американскиот генерал Џон Багот, симпатичен човек со атипично кревка градба за војник, кој ми ја стегна раката на крајот од дебатата и шеретски ми рече:„Значи и вие сте биле одговорни за мојот ангажман во мировната мисија“.

Поврзани новости