Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, изјави дека земјите од балканскиот регион мора да имаат модели на соработка, истакнувајќи дека проектот „Отворен Балкан“ е многу позитивен.
-Ми се допаѓа што беше развиен овде на Балканот, не беше наметнат однадвор. Ние го поддржуваме како и другите проекти за регионална интеграција – рече Хил за РТС.
На прашањето кои други предизвици остануваат со поцелосна економска интеграција, тој изјави дека „очигледно има политички предизвици – наследени проблеми и недоверба“.
-Би рекол дека овде има многу историско наследство, повеќе од потребно, мора да најдеме начин да го надминеме – нагласи Хил.
Тој воедно порача дека Србија треба да се приклучи кон западните санкции против Русија, оценувајќи дека тоа е во нејзин интерес бидејќи ставовите на Белград и Брисел кон Москва се различни.
-Мора да се спротивстави на злото, а Европската унија го прави тоа – рече Хил.