Американски воени авиони утре околу 11.20 часот со прелет над Скопје ќе го поздрават членството на Северна Македонија во НАТО, информираат од Министерството за одбрана.
Два авиона на американското воено воздухопловство придружувани од два воени авиона на Грција, ќе извршат прелет над територијата на Северна Македонија. Прелетувањето ќе биде во чест на нашето членство во НАТО. Авионите ќе летаат долж реката Вардар, а ќе дојдат од правец на скопскиот аеродром, велат од МО.
-Нашите американски сојузници испраќаат силна порака дека нашите две земји одржуваат одлична соработка и дека по континуираната поддршка што ни ја даваа на патот кон НАТО, и по влезот во Алијансата остануваат и понатаму наш силен сојузник и стратешки партнер, потенцира министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Американските авиони ќе полетаат денеска од сојузната држава Јужна Дакота и ќе имаат 30 часовен непрекинат лет со полнење гориво во воздух. Доколку временските услови го овозможат тоа, заинтересираните граѓани ќе можат да го набљудуваат прелетот на американските авиони и авионите придружници од грчката воена авијација над Скопје. Авионите над нашата земја ќе летаат на височина од 1.500 метри и нивниот прелет ќе биде проследен со силен звук. Демонстрацијата на овој прелет ќе биде уште една потврда за срдечниот прием на Северна Македонија во НАТО и сигнал за продолжување на соработката.
Членството на Северна Македонија во НАТО започна со широка поддршка од страна на сојузничките земји, која се покажа и при здравствената криза од коронавирусот со бројни донации во медицинска и заштитна опрема од страна на сојузниците. Како нова членка на НАТО, Република Северна Македонија е опфатена и со програмата за воздушно патролирање која е ексклузивна само за членките на Алијансата и чија цел е заштита на небото на државите од НАТО.