Американската поддршка би била поинаква доколку Трамп беше на власт, порача израелски министер

by Fokus
Foto: EPA

Екстремно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир, изјави за Волстрит журнал дека неговата земја ќе добие поголема поддршка од САД доколку Доналд Трамп e претседател.

„Наместо да ни даде целосна поддршка (американскиот претседател Џо) Бајден е зафатен со давање хуманитарна помош и гориво (за Газа) што оди за Хамас“, рече Бен Гвир.

„Ако Трамп беше на власт, однесувањето на САД ќе беше сосема поинакво“, додаде министерот, лидер на партијата Окма Јехудит (Еврејски сили).

Гвир за американскиот весник изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е на крстопат и „мора да избере во која насока да оди“, но дека тој самиот нема намера да се повлече од сегашната влада, иако постојано се заканувал дека ќе го стори тоа.

И додека Израел и САД се обидуваат да постигнат договор за ослободување на преостанатите израелски заложници држени во Газа, една од најголемите пречки би можел да биде министерот Бен Гвир, кој стана „громобран“ на израелската ултрадесница, проценува Волстрит журнал.

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид и Бени Ганц, поранешниот началник на Генералштабот, сега член на воениот кабинет на Нетанјаху, го критикуваа Бен Гвир за изјавата за Бајден.

Ганц смета дека премиерот треба да го повика министерот за национална безбедност на „смирување“ бидејќи, како што истакна, наместо да се занимава со прашања од внатрешната безбедност, нанесува огромна штета на надворешните односи на Израел.

Поврзани новости