Американската стопанска комора во Косово (АЦЦК) изрази загриженост поради падот на транспарентноста и ниската заложба на Владата и другите државни институции во борбата против корупцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во сооштението на АЦЦК по повод светскиот Ден на борбата против корупцијата се вели дека, „и покрај постојаните апели за поефикасна борба против оваа појава, која оневозможува опстоен економски развој, реториката на заложби доминира врз малубројните дејствија во овој правец“.
– Постигнувањето на конкретни резултати во борбата против корупцијата би претставувало конкретен доказ на посветеноста на надлежните институции за отстранување на оваа дамка која продолжува да ја отсликува земјата во извештаите на престижни меѓународни и домашни институции. Таквите извештаи несомнено ја намалуваат можноста за привлекување директни инвестиции, а 2018 година носи загрижувачки показатели во тој правец, се вели во соопштението.
Според последните испитувања на АЦЦК, 75 отсто од бизнисите веруваат дека корупцијата во Косово е системска, додека факторите кои ја овозможуваат се слабото владеење на правото, недостатокот на политичка волја за борба против корупцијата и недоволната законска рамка. Исто така, се наведува во соопштението, 50 отсто од анкетираните бизниси веруваат дека нивото на корупција е исто како и пред пет години.