Владата на САД објави дека уште еден наводен „кинески шпионски балон“ лета над територијата на Латинска Америка.
Откако американските воени претставници вчера објавија дека сомнителен кинески „балон за набљудување“ бил забележан како лета над државата Монтана, портпаролот на Пентагон, генералот Пет Рајдер, во петокот вечерта за Фокс њуз изјави дека уште еден кинески шпионски балон лета над Латинска Америка.
Висок претставник на одбраната рече дека американската влада размислувала да го собори балонот, но одлучила да не користи воена сила поради потенцијалните ризици.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја откажа претходно планираната посета на Кина поради откривањето на кинескиот балон.
Кинеското Министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека летот на кинески балон над САД наводно бил предизвикан од виша сила, обвинувајќи ги американските политичари и медиумите дека ја искористиле ненамерно предизвиканата ситуација за да го дискредитираат Пекинг.