Америка ја прекина испораката на бомби во Израел

by Fokus

САД минатата недела ја прекинаа испораката на бомби до Израел поради загриженоста дека ќе продолжи со голема копнена операција во Рафах во јужниот дел на Газа, изјави висок претставник на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Пратката се состоела од 1.800 бомби со тежина од 907 килограми и 1.700 бомби со тежина од 226 килограми, изјави претставникот за Си-би-ес њуз.

Белата куќа со тоа испрати значајна порака. Официјалниот претставник рече дека Израел „целосно не одговорил“ на загриженоста на САД за хуманитарните потреби на цивилите во Рафах. Израел веднаш не ја коментираше оваа информација.

„Ставот на САД беше дека Израел не треба да започне голема копнена операција во Рафах, каде што повеќе од милион луѓе се засолниле и немаат каде да одат“, изјави претставник на администрацијата на Белата куќа.

„Ние сме вклучени во дијалог со Израел во формат на Стратешката советодавна група за тоа како тие ќе ги задоволат хуманитарните потреби на цивилите во Рафах и како тие ќе дејствуваат поинаку против Хамас таму отколку на друго место во Газа“, додаде тој.

Поврзани новости