Амди Бајрам: Не спијам, туку многу вредам, па гледаат дури и кога ќе трепнам!

by fokus

-Цели 14 дена сум по болници, со тешка бронхопневмонија, со инфузии, инхалации, инјекции, лекарства… И покрај тоа, јас решив да го испочитувам НАТО, да го испочитувам собранието, и болен, со температура право од болница да дојдам во Собрание. Како да се однесува, каков да биде болен човек? Нормално дека ќе следам седници со подзатворени очи, кога немав енергија за ништо друго – за „Фокус” раскажува пратеникот и претседател на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам.

Изминативе денови негова фотографија, на која што во Собранието седи со затворени очи се најде во повеќе медиуми, и веста дека Амди го „преспа“ НАТО и често задремува во собраниската сала беше една од најкоментираните теми на социјалните мрежи.
Сепак, како што ни изјави Бајрам, вистината е сосема поинаква, бидејќи тој две недели бил во доста лоша здравствена состојба.

-Многу вредам, па затоа постојано ме пишуваат и гледаат дури и кога ќе трепнам! Јас секој ден во дневна болница, кој не верува може и да провери, со терапија, тешка бронхопневмонија, ама собрав сили и ги испочитував и НАТО и сите процедури. Да беше некој друг со мојата дијагноза, тешко дека ќе дојдеше во Собрание. Но, собрав сили, по четири часа на инфузија дојдов право во Собрание. Имав многу силно воспаление, но и тоа не ме спречи да дојдам на свечената седница за ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО – појаснува пратеникот.

Вели дека и во минатото се објавувале негови фотографии од седниците, направени во моменти додека следел што се дискутира со затворени очи, и тоа намерно, со цел да биде дискредитиран.

-Кога вредиш, треба да бидеш спремен на се. И баш поради тоа што јас вредам, затоа и за вакви работи се фаќаат, а вистинската слика е сосема поинаква. Но, сега сум многу подобар со здравјето, ме кренаа на нозе лекарите по две недели интензивно лекување – вели Барјам.

Порача и останатите пратеници да го следат неговиот пример, да покажат почит и дури и кога не се чувствуваат најдобро да соберат сили и да дојдат во Собрание, а не и при најмала настинка да земаат боледување.

Инаку, изминатиот период за пратеникот бил доста напорен поради организацијата на традиционалниот Ромски бал, кој што во јануари се одржа во хотелот Александар Палас, во присуство на стотици гости од целиот свет, и со десетици познати музичари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости