Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на САД – Анџела Агелер.
На средбата, како што информираат од претседателскиот кабинет, било разговарано за можностите за засилување на соработката меѓу двете земји, за македонските евроатлантски интеграции, како и за потенцијалите кои ги нуди Стратешкиот дијалог за конкретизирање на билатералната соработка меѓу двете земји.
Сиљановска Давкова се заблагодарила за севкупната поддршка од САД и ја истакнала подготвеноста за натамошно продлабочување на македонско-американското пријателство и меѓусебна поддршка во насока на реализирање на македонските надворешно-политички цели.
„Претседателката истакна дека како стабилен партнер и докажан сојузник на САД во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет, со активно учество во заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани врз мирот во светот. Потенцирајќи дека евроинтеграциите имаат позитивно влијание за демократската и економската консолидација на земјите од регионот, претседателката ја истакна потребата од забрзана европска интеграција. Во таа насока, таа посочи дека пристапниот процес за членство во ЕУ, мора да биде мериторно валоризиран и не смее да трпи политички притисоци од страна на други земји членки“ стои во соопштението.
На средбата претседателката ја потенцирала и улогата и поддршката од САД во интензивирање на реформските процеси и истакна дека земјава и понатаму останува посветена на спроведување на реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформите во безбедносниот сектор, како едни од нашите највисоки приоритети.